Првите цивилни лекари во Царево село биле руски емигранти!

Објава на ЈЛБ ,,Илинден” Делчево:

СЕЌАВАЊА
На Стојан Ѓеоргиевски – Тане за состојбите во Царево село во периодот од 1920-1950 година

ЗДРАВСТВО, ПРОСВЕТА И КУЛТУРА

Колку јас знам, населението во овој крај во турско време имало “слаба здравствена заштита. До 1918 година, при воената единица во Царево село сигурно имало и воен персонал, но колку тој персонал му помагал на цивилното население, не знам. Знам дека првите цивилни лекари во Царево село се руски емигранти, кои побегнале од таму по Октомвриската револуција. Околу 1920 година цивилен лекар во Царево село е Полканов. Тука работел по преместувањето од Берово и лекарот Шантаров. Околу 1940 година тука работел и лекарот Чалиќ, Босанец. За него се знае дека беше многу достапен и услужлив за населението. Тој знаел да јавне на коњ и да отиде дури до Саса ако треба да пружи здравствена помош. На најсиромашните им давал и лекови без пари.

Помеѓу 1930-1940 година имало и воени лекари кои го лечеле и населението. Таков бил воениот лекар Петалов и лекарот Царевиќ. По 30-те години како серски лекар работеше и д-р Тренчев Коста. Прв лекар од Царево село кој работеше тука е Никола Петров – Никица.

Од 30-те години се развива и аптекарството во градот. Во Царево село прв отворил аптека Анте Свалина, кој беше по потекло од Задар.Тој прво бил воен аптекар во Штип, а потоа отворил приватна аптека кај нас. Аптеката беше на локација каде подоцна беше Стоковната куќа. Се продавале основни лекови, но и лекови кој ги правел аптекарот. По 1941 година аптеката ја превзема д-р Тренчев, а во неа работи Васил Ѓоргов од Велес. Забоздравствената заштита беше на многу ниско ниво. Заби вадеа Чимевите и некои турци. Клештите со кои ги ваделе забите ги нагорувале во огин и така им правеле дезинфекција. Од 30-те години тука во летниот период доаѓале на пракса дентисти, кои вршеле и поправка на заби. Поредовна здавствена заштита на забите започнува по ослободувањето, кога доаѓаат наши кадри.

Преку ендекот под сегашниот хотел – ресторан се наоѓаше училишната зграда која е градена уште во турско време. Таа зграда имаше 4 училници и сала во која се одржуваа приредби. Просторот помеѓу училиштето и Брегалница беше училишен двор во кој имаше и справи за вежбање. Во тоа училиште се учеше до вишо основно образование, тоа беше основни, плус 2 години. Учениците кои имаа вишо основно образование можеа да се запиашаат во трети клас на полната гимназија во Штип. Муслиманите во тоа време имаа муслиманско училиште – Медреса, кое се наоѓаше веднаш до џамијата, таму учителите беа без образование.

Од 30-те до 40-те години на XX век, културно-забавниот живот во градот се одвиваше во поголем дел преку градската читална. На местото каде порано беше фурната на Васко Илиев, беше старата читална. Новата читална беше поголема. Таа беше лоцирана пред куќите на Миленкови. Во читалната можеше да се прочитаат весници оки, во тоа време излегуваа во центрите на Кралството Југославија. Тука преку пошта стигнуваа весниците „Политика“, „Правда“, „Време“ и др. Посетителите на читалната можеа да бидат послужени со чај и кафе.

Во време на бугарската окупација 1941-1944 тука доаѓаше и весникот „Целокупна Бугарија“, кој се издаваше во Скопје, а чиј уредник беше Никола Коларов по потекло од с. Град. Во времето на Кралството Југославија во читалната имаше и сала со бина, на која се прикажуваа и драмски представи и игранки. На тие приредби освен младината од градот доаѓаа и службеници и старешини од полицијата и војската.Интересно е да се одбележи дека на една таква приредба жената на командантот на граничните единици Перишиќ, која ми се чини беше Маџарка, донесе и клавир од дома и на него свиреше класична музика, а сите беа воодушевени. Во 30-те години преку Соколаната, тука во времето на феријата, дојде студент по музика Богдановиќ од Скопје, кој одржа и концерт со оперска музика.

Освен што информирањето се одвиваше преку штампата, во 30-те години беа донесени и првите радиоапарати, два или три кои беа сместени во кафеаните. Еден радиоапарат имаше во кафеџилницата на Раде Станисавлевиќ, зет на Чипеви. Во таа кафеџилница се слушаа и вестите за убиството на Крал Александар. Убаво се сеќавам, бидејки преносот беше лош со прекини, сите се буткаа да бидат што поблиски до радиото за да можат да слушнат што се случило.

Во времето на кралството СХС, власта имаше општинска управа, срезка управа, општинска полиција (џандармерија). Општинската управа беше на местото каде сега е хотел-ресторанот. На спратот имаше 4 службени простории, а во приземјето беше кафеаната на Спиро Икин во која во 1924 година комитите фрлија бомби од кои загинаа двајца браќа на Спиро, претседателот на општината, Ахмет Кадиски и уште некои други.

Среската управа се наоѓаше на локација каде што е семејната куќа на Ханџиски. Таа зграда едно време беше изгорена, па подоцна беше изградена нова зграда во која беше општинското собрание. На локација каде сега се наоѓа влезот на касарната се наоѓаше седиштето на џандармерската чета.

Пореската управа, едно време, се наоѓаше во куќата на браќата Ѓорги и Јангел Симичови.
Се до 50-те по ослободувањето, поголем дел од населението на Царево село се занимавало со земјоделие и сточарство. Улиците во градот во некои делови беа калдрамисани, аво поголем дел земјени. Првиот асфалт, само на мал дел од главната улица беше ставен некаде во 1958 година. Расветата на домаќинставата се до после ослободувањето се обезбедуваше со газје. Од околу 30-те години на некои места покрај важни објекти имаше ламби, кои рачно се палеа навечер, а наутро се гаснеа. Такви 2 ламби имаше пред општинската и училишната зграда. Електричната расвета на градот беше воведена во првите години по ослободувњето.

Населението со вода за пиење се снабдуваше од чешми, кладенци и пумпи. Доводите за чешмите беа од земјени ќунци од извори од подножјето на Голак. Во 2 реон ваква чешма имаше кај џамијата а во 3 реон во близина под Чуката. Во 30-те години беа набиени и 2 пумби, едната пред хотелот „Македонија“. Градскиот водовод беше изграден некаде околу 1966 година. Личната хигиена населението ја одржуваше со миење во домашни корита или на лето во реката. Едно време имаше и амам на Чимевите, каде што подоцна беше куќата на Лена Христова-Чете. Подоцна имаше и градска бања при комуналното претпријатие каде подоцна беше зградата на Радио Делчево. Перењето на алиштата и постелнината беше во водите на Брегалница, кои тогаш беа многу чисти.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*