Димчо Атанасовски со отчет за првите 100 дена од назначувањето на функцијата Градоначалник на М.Каменица

Интегрална објава од фејсбук страницата Димчо Атанасовски градоначалник на М.Каменица:

Промени што значат иднина – 100 дена локална власт во Македонска Каменица

Почитувани сограѓани,

Со многу енергија, ентузијазам, нови идеи и визии го започнавме раководењето со Општина Македонска Каменица. Ветивме дека нашиот град ќе го врати стариот сјај, дека ќе биде модерен и препознатлив и веќе по првите сто дена веруваме дека се движиме во вистинска насока.
Креираме сопствен систем и начин на работа кој ќе овозможи Македонска Каменица да биде општина со нула корупција. Сите буџетски расходи ќе бидат транспарентни и достапни, граѓаните ќе знаат дека нивните пари се трошат на вистинско место, со што ќе ја подобриме довербата во администрацијата и отчетноста во нашето работење.

Мојот тим е во континуирана комуникација со граѓаните, среда и петок се приемни денови за странки во Општината и така добиваме релевантни информации за сите проблеми, кои се решаваат во најкраток можен рок.

Наследивме дезорганизирана, спора и нефункционална општинска администрација и веднаш започнавме со модернизација на начинот на кој таа ќе функционира во иднина. Процесот на набавка на потребната опрема, зголемувањето на мотивацијата за работа кај административните службеници и правилно распоредување на работните задачи ќе продолжи, и наскоро ќе имаме тим подготвен за брзо, ефикасно, отчетно и транспарентно работење и справување со сите предизвици, ставен во служба на граѓаните.

По првичните анализи мојот тим констатираше низа неправилности во работата на претходната структура. Нема реализирано ниту еден значаен и капитален проект, огромен број договори се склучени и исплатени без спроведени постапки за јавни набавки, договори кои се на штета на Општина Македонска Каменица, јавни набавки во кои има сериозни индичации дека се наместени, недостаток на вистински систем за прибирање на даноци и други давачки и слично, и од таа причина побаравме од Државниот завод за ревизија да изврши контрола на досегашното работење.

Наш приоритет се нашите сограѓани и затоа со брзи и квалитетни решенија делуваме во сите општествени сфери, градиме модерна, отворена и услужна општина, насочена кон подобрување на квалитетот на живот.

Пред нас се јасни цели, го започнавме мандатот со решавање на најгорливите проблеми и реализација на проекти кои се од широк јавен интерес.

Без грам суета, ги продолживме сите започнати проекти и дел од нив веќе се во напредна фаза. Во Општина Македонска Каменица во моментов во тек е изградба или потпишани се договори за изградба на следниве локални и пристапни маалски патишта и улици кои се со вкупна должина од околу 7 километри:

  • Локален пат до маала Албанци во село Тодоровци
  • Реконструкција на дел од локален пат до село Цера (до Стипцарска маала)
  • Локален пат до Дракарска маала во село Луковица
  • Локален пат до маала Каранфилци во село Цера
  • Локален пат до маала Догрии во село Дулица
  • Изградба на дел од улица „Миле Јаневски Џингар“ во Македонска Каменица
  • Во подготовка е потребната документација за изградба на асфалтен пат во село Костиндол, од маала Штабо до маала Чобањето.
  • Наскоро ќе започне постапка за изградба на улиците „Питу Гули“ и „Новопроектирана“ во централното градско подрачје.

Започнавме постапката за изградба на нова општинска зграда која ќе биде лоцирана во непосредна близина на Градскиот плоштад, а за таа цел веќе е извршена физичка делба на парцела и промена на катастарска култура.
Има договор за изградба на згради и помошни објекти за потребите на месните заедници во село Саса, село Тодоровци, село Луковица и село Костин Дол.
Во фаза на реализација е доизградба на кејот, односно регулирањето на речното корито на долниот дел од течението од река Каменичка. Во овој дел од Македонска Каменица ќе имаме и нов градски парк – „Парк на бранителите“ за кој се подготвува проектна документација.
Во фаза на изработка се урбанистички планови за населени места во село Саса, село Моштица и село Луковица со вкупен опфат од 220 ха, како и измени и дополнување на ДУП на Македонска Каменица за блок 3,8,13,14 и 15.

Потпишавме договор за улично осветлување на влезовите во Македонска Каменица, проект кој ќе се финансира преку проект на Центарот за развој на Источно плански регион, а за кој дел од средствата се обезбедени од општинскиот буџет.
Го корегиравме проектот за осветлување на кеј на река Каменичка и овој месец ќе започне постапка за јавна набавка.

Подготвивме проект за реконструкција на дел од градскиот базен и доградба на нови содржини на градски базен – изградба на мал базен за дечиња.
Во завршна фаза е реализацијата на проектот „Водоснабдување на маала Павлиш Дол во Македонска Каменица“.
Подготвена е техничка документација за изградба на крак на фекална канализација во маала Селото во село Моштица.

Еден од проектите на кој сме особено горди и кој ќе се гради годинава е изградбата на спортски комплекс кој ќе биде уште еден модерен белег на нашата општина.

Партерно и хортикултурно го уредивме паркот лоциран во триаголникот помеѓу улиците „Александар Македонски”, „Гоце Делчев” и „Руенска”.

Предвидовме 4.8 милиони денари од општинскиот буџет за изградба на паркинг во непосредна близина на Детска градинка „Бамби“, паркинг во непосредна близина на ЈП „Камена Река’ и за паркинзи на други локации кои дополнително ќе бидат мапирани согласно потребите на граѓаните.

Ги исчистивме дивите депонии во централното градско подрачје, а до крајот на месец март ќе ги исчистиме пријавените и мапираните диви депонии во руралните средини.
Ја подржавме еко акцијата за чистење на Калиманско езеро.

Традиционално, во соработка со приватниот сектор обезбедивме и поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња од ЈОУДГ „Бамби“ и ООУ „Св. Кирил и Методиј“.
Во првите 100 дена од мандатот доделивме еднократна парична помош за болничко лекување во вкупен износ од 210.000 денари, а континуирано доделуваме еднократна парична помош за секое новородено дете во износ од 10.000 денари и 20.000 денари за секое прво новородено дете во годината.

Доделивме пакети за лица со попреченост по повод 3-ти Декември – меѓународен ден на лица со попреченост.
Во партнерство со Рудник „Саса“ поделивме повеќе од 150 социјални пакети за ранливи категории на граѓани.
Во партнерство со Здружението на пензионери од Македонска Каменица поделивме се социјални пакети за стари, болни и изнемоштени лица.

Во фаза на подготовка е нова општинска Програма за социјална, здравствена и детска заштита, како и на нов Правилник за доделување на еднократна парична помош за социјални категории на граѓани и за болничко лекување.

Во фаза на изработка е нова општинска Програма за култура за 2022 година, а обезбедивме 3,6 милиони денари за финансиска поддршка на Културно-информативен центар „Романса“ од Македонска Каменица.

Во Буџетот за 2022 година предвидовме средства во вкупен износ од 2 милиони денари за реконструкција на споменик на „Вера Јоциќ“ во село Саса, за доуредување на туристички комплекс „Еленец“ во село Цера, како и за изработка на нови проектни документации за поддршка и развој на туризам.

Образованието е дел на кој ќе бидеме силно посветени. Обезбедивме подарок книга-боенка за сите дечиња во ЈОУДГ „Бамби“, а за градинката веќе се почнати постапки за набавка на нова индустриска машина за перење алишта и нов индустриски ладилник, а обезбедени се финансиски средства за реконструкција на дел од тоалетите.

Започнавме постапка за изработка на Правилник за еднократна финансиска поддршка за сите ученици кои ќе запишат средно образование во СОУ „Миле Јаневски Џингар“, со што ќе допринесеме за зголемување на бројот на ученици во ова училиште.

Во новиот општински Буџет за 2022 година предвидовме финансиски средства во вкупен износ од 4.2 милиони денари за поддршка на спортски клубови кои функционираат на подрачјето на Општина Македонска Каменица и за реализација на проекти од општинска Програма за спорт и млади.

Потпишавме Меморандум за соработка со општина Балчова од Република Турција.
Во соработка со Унгарското здружение во Македонија „Теледом“ и со Унгарската амбасада во Македонија ја организиравме манифестацијата „Унгарски културен мозаик“

Во делот на здравствената заштита, односно за ангажман на доктори-специјалисти од различни области, како и за набавка на ново амбулантно возило, во Буџетот на општина Македонска Каменица предвидени се финансиски средства во вкупен износ од 3.2 милиони денари.

Во текот на 2022 година ќе реализираме 98 значајни проекти или активности.
Ние ги носиме промените што значат иднина!
Нашите ветувања гарантирано ќе ги исполниме!

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*