Матичните лекари од Делчево се приклучија на предупредувачкиот протест за пофункционално Здравство

Матичните лекари од Делчево денес се приклучија на предупредувачки протест кој има за цел да алармира за проблемите и потешкотиите со кои секојдневно се соочуваат. Како што информираа делчевските матични лекари во својата заедничка изјава, протестот се одвивал на тој начин што лекарите биле на своите работни места, но работеле само за итни пациенти, додека електронски рецепти и упати не се реализирале.

-Даваме поддршка за барањата на сите матични лекари за да се подобрат условите за работа во ПЗЗ, основниот пакет на услуги, зголемувањето на капитациониот бод, менувањето на казнената политика и поддршка и поттик за матичните тимови кои се во првата линија на пандемијата веќе 2 години, а не добија стимулација или било каква помош и поддршка, стои во изјавата на делчевските матични лекари.

Во врска со предупредувачкиот протест претходно Лилија Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари изјави дека со него се подигнува гласот на лекарите за нефункционалноста на здравствениот систем во ПЗЗ.

-Предупредувачиот протест се состои во тоа што, матичните доктори утре нема да се вклучуваат во системот Мој Термин, нема да се издаваат упати, рецепти, секако нашите амбуланти ќе бидат отворени за пациенти кои имаат итна потреба од помош. Со ова сакаме да скренеме внимание за она што го кажуваме многу години, за нефункционалноста на здравстевниот систем. Матичните амбуланти се доведени на работ на егзистенција поради зголемените сметки, а непроменета капитација, има голем одлив на матични доктори во странство и за нашето упорно барање пациентите да се водат на име на амбуланта. Затоа што кога заминува некој од докторите од амбулантата се кине и капитацијата и вие не можете да ги платите вработените. Овие промени се со цел да може матичните доктори да функционираат, за подобра работа и здравствена услуга за нашите пациенти“, рече во својата вчерашна изјава д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*