Исхраната со жива растителна храна како начин на живот ќе биде презентирана на првиот Фрут Фестивал во Македонија
Во организација на здружението за одржлив развој на заедницата „Виталност” од Делчево од 11-15 септември 2024 година ќе се одржи Македонски фестивал на жива растителна храна. Фестивалот е иницијативата на Симона Христовска и Горан Христовски, брат и сестра од Делчево, кои веќе подолг период применуваат исхрана со жива растителна храна.

Тие започнале со исхрана од жива растителна храна во почетокот на 2022 година, кога целото нејзино семејство решило да направи промена во исхраната, односно започнало да консумира свежа или сурова храна.
-Тоа беше периодот кога се уште владееше познатиот вирус, период за кој знаеме сите какво вијание имаше кај сите. Од едни пријатели дознав за книгата на Ален Додик „Излечете се сами”, која ни беше вовед во живата растителна храна, еден извор на знаење за тоа како исхраната влијае на здравјето на луѓето, односно како храната влијае на секој орган од нашето тело, вели Симона.

Тоа за неа и за целото семејство било нешто ново, посебно во периодот во кој и нејзините родители не биле имуни. Тоа било причина плус да почнст со новиот начин на исхрана по што за само 3 недели ги почувствувале бенефитите од храна.
-Имавме повеќе енергија, помирен сон, почна да се регулира телесната тежина, регулиран крвен притисок, па така решивме пробниот период од 3 недели да со замениме со еден нов пат, пат со поголемо практично знаење за тоа како да го оптимизираме своето здравје на долгорочен план, додава Христовска.

Нејзиниот брат Горан ни откри од каде дошла неговата идеја за организирање на првиот фестивал на жива растителна храна.
-Секоја година, во голем број на земји ширум светот, се одржуваат т.н.фрут фестивали (Fruit Festival), односно фестивали на овошјето, каде се споделуваат бенефитите на живата растителна храна. Симона беше на таков фестивал во Англија минатата година, а јас бев во Србија, па по тие примери решивме да организираме и кај нас таков фестивал, каде луѓето ќе научат како и зошто се конзумира свежа растителна храна, кои се бенефитите и како самите можеме да си помогнеме, открива Христовски.

Иако се именувани како фестивали на овошјето, бидејќи овошјето е застапено во најголем процент во оваа исхрана, овие настани според него промовираат исхрана со овошје, зеленчук и јатки, термички необработени. Покрај промовирањето на таквите настани се споделуваат искуства, се одржуваат предавања и презентации од бенефитите од овој вид на исхрана, се споделуваат рецепти и начин на подготовка на храната, со една цел: подобрување на здравјето на луѓето на природен начин.
Програмата за настанот како што додава Симона има повеќе содржини кои се составени од едукативен и забавен карактер, а дел е посветен и на физичката активност, всушност деновите започнуваат со раздвижување на телото преку фитнес часови или јога. Потоа како што вели таа ќе се продолжи со едукативни предавања, од предавачи со повеќегодишно искуство со исхрана на жива растителна храна.
Покрај едукативните предавања, огромно внимание на фестивалот ќе биде посветено на храната, природно одгледана, култивирана специјално за фестивалот, каде сите ќе можат да ја вкусат убавината на македонското овошје и зеленчук.
Еден од предавачите на првиот фестивал на овошјето ќе биде Д-р Даглас Грем, долгогодишен спортист и промотер кој практикува исхрана со жива растителна храна уште од 1978 година. Како советник на познати и мотивирани спортисти и тренери од целиот свет има издадено многу книги за здравје и сурова храна.

-На фестивалот презентации ќе одржат и Рафаел Реш од Австрија и Хариет Кјаер од Шпанија. Рафаел ја спроведува исхраната 80/10/10 од февруари 2018 година и е сертифициран тренер за исхрана 80/10/10 и заедно со неговиот тим организираат фестивали на свежо овошје во Австрија, а Хариет веќе 12 години применува исхрана со жива растителна храна и успешно учествува на ултра маратони во Шпанија, каде последниот маратон од 200 км го заврши претходниот месец, додадоа организаторите на првиот Фрут Фестивал во Македонија.

За време на настанот шеф на кујната ќе биде Шари Летерман од Флорида, која ќе ги подготвува оброците на фестивалот, а префвиденс е и држи обука како најдобро се комбинираат намирниците, преку правење рецепти со присутните и споделување на своето 20 годишно искуство со подготовка на жива растителна храна.
На прашањето што дополнително може присутните да очекуваат на фестивалот, Горан Христовски вели дека најважната информација која ќе биде споделена на фестивалот споделуваме е дека постои опција за целовито здравје.
-Присутните ќе слушнат како храната влијае на здравјето, како ние го третерираме нашето тело, т.е. самите нас. Кое гориво му е потребно на телото за оптимално здравје, на долгорочен рок. Како што спомнавме, ќе има фитнес часови со функционален фитнес, тегови, пливање, на еден поинаков, забавен начин. Најбитното од се, присутните ќе добијат поддршка на нивниот пат кон оптимално здравје, градење на заедница, релаксирачка атмосфера, дружба и забава. Секако, природно одгледана храна, вкусно подготвена на интересни и несекојдневни начини, додава Христовски
За крај како најава за фестивалот неговата сестра Симона додава дека присутните, а особено спортистите ќе можат да научат како да имаат оптимална подготовка за следниот маратон со практични работилници и совети од Хариет Кјаер од Барселона, која на возраст од 50 години трча маратони од 200 километри.
Од Здружението за одржлив развој на заедницата „Виталност” од Делчево ги поканија сите заинтересирани да присуствуваат на првиот Македонски фестивал на жива растителна храна, кој ќе се одржи во Хотел Дишли во с. Радожда, Струга, на самиот брег на Охридското Езеро, од 11-15 септември 2024 година.





Leave a Reply