Државни натпревари по Народна Техника во Пехчево

Во Пехчево денес се одржува Државен натпревар на млади истражувачи од Македонија – Наука на млади и Државен натпревар на младите техничари и природници од Македонија-СКМТП.

Домаќин на настанот е Општинското основно училиште ,,Ванчо Китанов” од Пехчево, во чии простории учениците од основните и средните училишта и нивните ментори, денес презентираат истражувачки и иновативни проекти во 25 области од применети природни и технички науки.

Пред почетокот на натпреварите, домаќините во името на Народна техника на Македонија, која што оваа година слави јубилеј 78 години постоење, Сојузот на здруженија на млади истражувачи од Македонија-НАУКА НА МЛАДИ, Сојузот на клубови на млади техничари и природници на Македонија и Народна техника – Берово, на сите им посакаа добредојде, напоменувајќи дека ова се единствени манифестации во нашата држава со 60 и 61 година традиција.

Настанот го отвори градоначалникот на Пехчево, Александар Китански кој истакна дека организирањето на натпревари од ваков тип на државно ниво е посебно значајно за младината од една општина, кои со учество на овие натпревари имаат можност да разменат искуствата, да се запознаат со нови методи и технологии на работење.

-Ова претставува еден патоказ на младите кон освојувањето на техничките знаења со значајни стручно-технички содржини. За поздравување е организацијата на Народна техника на РМ каде следејќи го научно- техничкиот прогрес, успеа да развие една широка лепеза на активности чии резултати се очигледни во образованието, науката, одбраната, во откривањето и стимулирањето на надарени млади во стопанството. Голем број на млади аматери што поминале низ бројни организации на Народна техника денес се респектирани научни и истражувачки работници, академци, универзитетски професори, конструктори, фотографи, филмски дејци и други, рече Китански.

Директорката на училиштето домаќин Добрила Јовевска им се заблагодари на организаторите за укажаната чест Државните натпревари за млади истражувачи, млади техничари и природници да се одржат токму во нивноото училиште.

-На присутните гости им посакувам убав престој и тополо добре дојде, а на натпреварувачите им порачувам да дадат се од себе и да бидат најдобри, да се стремат и денес и во иднина да го развививаат својот детски ум, да бидат љубопитни, иновативни и креативни, а пред се да се потрудат да си ги реализираат своите креативни, научни, технички имагинации, рече Јовевска.

Извршниот директор на Народна техника
г-дин Пере Митрев потнцираше дека Пехчево заслужува како град да ги види сите трудови со кои учесниците постигнуваат, не само државни туку и меѓународни резултати.

-Во година на јубилејот се надевам дека сето ова ваше вреднување ќе го валоризирате во Меѓународни проекти и Меѓународни резултати, рече Митрев.

Во присуство на пратеникот Драган Ковачки, претставници на министерството за образование, Бирото за образование, фондации и членови на комисиите кои се реномирани универзитетски професори и научници, заедно ги посетија штандовите на учесниците кои пред нив ги презентираа своите иновативни идеи.

На штандовите забележливи беа повеќе иновации карактеристични за модерното време, но и практични елаборации за производи кои учесниците сами ги создале, а имаат за цел заштита на човековото здравје, еколошки пронајдоци и иновации за заштита на климата со акцент на прочистување на воздухот по опожарување.

По прегледувањето на сите изуми на кандидатите комисијата ќе ги прогласи победниците кои се распределени во повеќе категории. Најдобрите ќе учествуваат во понатамошни домашни и меѓународни натпревари.

https://m.youtube.com/live/TsYqFF6D704?si=K7LX0E65xDLVAkYx&fbclid=IwZXh0bgNhZW0CMTEAAR0FO81TaQsGdrWDoTB_29jNypf_hlZiu0SytzVBU-GZY5o5qKpMwAvR9Nw_aem_pebTVwdlsGOUMX8-aqXDCA

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*