Во организација на Здружението на роднокрајни автори Пијанечки Глас со поддршка на Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков – Вапцаров”, во Делчево вечерва се одржа литературна вечер посветена на пензионираниот новинар и поет Васил Маневски насловена “60 години творештво, 80 години живот”.
Маневски како што самиот изјави, целиот работен век го посветил на новинарството и просветата, што му овозможило да запознае голем број пријатели ширум Македонија, некогашна Југославија и пошироко.

-Во новинарството поминав повеќе од половина век, додека 12 години во просвета. Откако се пензионирав се вратив на пишувањето, издадов неколку книги поезија, автор сум на публицистичка книга ,,Плачеше цела Малешевија” заедно со колешката Љубинка Клинчарска. Активно работам на монографијата за с.Тработивиште, која се надевам следната година ќе ја издадеме, истакна Маневски додавајки дека е горд на неговите следбеници во новинарството, на кои се обидел да им ги пренесе искуствата и вештините во борбата за вистината.

Меѓу најомилените дела, иако тешко му е да издвои, ги напомена ,,Последниот гемиџија” и Светите Води во Пијанец, како и големиот број текстови со кои роднокрајните пејачи учествувале на музичкиот фестивал Гоце Фест.
За Христина Деолска, претседател на здружението Пијанечки Глас, чест и задоволство е завршниот настан кој секоја година се организира на кај на годината, да му биде посветен на Маневски, на тој начин прикажувајки го неговото творештво и честитајки му го роденденот.

Перса Стојановска поранешна претседателка на здружението е една од ретките кои имале долгогодишна соработка со авторот.
-Драго ми е што Васил Маневски ја доживеа 80-тата, уште повеќе ми е мило што се навршија 60 години творешво. Го познавам како творец во повеќе области, како истражувач, поет, историчар, прозаист, но и раководител на повеќе проекти од културата, додаде Стојановска.

Програмскиот директор на Центарот за култура, Методи Толевски додаде дека ова е последен настан за оваа 2024 година порачувајки им на останатите роднокрајни автори дека вратите на установата се отворени за сите роднокрајни автори за нивните промоции.
На настанот присуствуваше и епископот Делчевско-каменички г.Марко, еден од најпознатите македонски писатели Доне Донев, како и други пријатели, познавачи и соработници со авторот.
Васил Маневски е роден во с.Тработивиште, Делчево, има завршено педагошка академија во Штип, Филолошки факултет во Скопје, а има завршено и Факултет по новинарство во Белград.

Leave a Reply