Пристапен лифт за ученици со посебни образовни потреби во ООУ „Ванчо Китанов“ Пехчево

Во пехчевската деветолетка ,,Ванчо Китанов” денеска беше пуштен во употреба новиот лифт за подобрување на условите за учениците со посебни образовни потреби. Како што истакна директорката на училиштето Добрила Јовевска е направен од сопствениот буџет на училиштето, а инвестицијата претставува доказ за посветеноста на училиштето во насока на поддршка на учениците со посебни образовни потреби, покажувајки дека секој ученик е подеднакво важен.

-Имаме ученици со посебни потреби, па затоа мораме да им направиме инклузија и да ги вклучиме во нормалната настава и сите деца со посебни потреби да имаат пристап до сите кабинети и до сите училници кои се модернизирани и организирани со најнова опрема. Инаку бевме приморани учениците со посебни потреби да ги дрѓиме на првиот спрат во училиштето, бидејќи немаше пристап до горните училници. Со таа цел и намера, го поставивме лифтот со сопствени средства од буџетот на школата заедно со општина Пехчево и така обезбедивме модерен пристап и модерно училиште за сите ученици, истакна Јовевска.

Александар Китански, градоначалник на Општината на свеченото пуштање во употреба на поставениот лифт, изрази задоволство од модернизацијата на пехчевското училиште кое по европски стандарди со современи услови се реализира наставата и поседува еднаков пристап за сите ученици.

-Денес присуствуваме на еден преубав настан во нашето училиште. Во координација со директорката на основното училиште, периодот што помина се превземаа многу мерки за осовременување на нашето училиште и да добиеме училиште на современи текови со европските стандарди за образование во нашата држава. Во нашето училиште последните неколку години и месеци се извршија големи зафати, каде се поставија подови, се реновираа училници, а еве можеби сме и прво училиште во источна Македонија, каде добивме и поставивме лифт за до го подобриме наставниот процес за учениците кои имаат попреченост, да не се осеќаат дискриминирани и да ги имаат сите услови и да немаме напор при искачувањето на трите спратови во училиштето. Со помош на директорката го подобривме пристапот на овие дечиња до сите училници, а исто така поставивме и епоксидни подови во нашето училиште, кои лесно се одржуваат и дезинфецираат, истакна Китански додавајки дека со тоа наставата се изведува по европски норми.

Во ООУ „Ванчо Китанов“ во Пехчево моментално учат 200 ученици, додека 50 ученици посетуваат настава во подрачното училиште во село Црник и 5 ученици во селото Робово.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*