Минатата година во месец март го посетивме семејството Брзачки од Пехчево, семејство кое пред 10 години својата егзистенција реши да ја побара во градот Радовљица во Словенија. Во тогашната изјава Влатко Брзачки истакна дека на овој чекор се одлучиле поради подобра егзистенција бидејки пред 10 години во Република Македонија, платите биле минимални, а работата била тешка и недоволно платена.
За ваквата ситуација не барале виновник, но сметале дека им е потребно ново искуство, па така според она што го кажа Влатко Брзачки одлуката била правилна, бидејки во моментот се задоволни од она што го работат.

-Порано работев во дрвопреработувачката индустрија во фабрика во Пехчево и платата беше тогашни 12 до 13 илјади денари. Сопругата работеше во конфекција во Берово за некои 5000 до 6000 денари, некако немавме избор и мораше тоа да го направиме. Мило ми е што сега слушам дека за слична работа во дрвопреработувачката индустрија се нудат и по 600,700 евра плата, но тогаш беше така и моравме да си побараме подобри услови за егзистенција, вели Брзачки.

Минатата година тој ни соопшти дека отворил и сопствена пиљара, а сопругата и неговиот син Александар се вработени во локален ресторан.
Најновата убава вест е што една година потоа Александар отвора свој сопствен ресторан. Идејата за ова датира уште од поодамна кога на сопствен имот семејството Брзачки изградија свое катче кое го нарекоа ,,Колибата на Брзачки” каде често доаѓаа гости кои ги пречекуваа со домашно подготвени специјалитети од Малешевијата.

Поради големиот интерес за тие прекрасни специјалитети конечно донесуваат одлука за отворање сопствен ресторан кој деновиве и официјално беше отворен за што објавуваме фотографии во продолжение.





Инаку самото место каде живеат нашите иселеници е туристичко место кое најчесто е посетувано поради близината на Бледско Езеро.
-Местото каде се наоѓаме е туристичко, на само неколку минути е езерото Блед, доаѓаат гости кога сакаат да не посетат се најавуваат. Овде освен езерото е и фабриката ЕЛАН, тука минуваат патиштата кои водат кон западно европските земји, еден интересен регион кој вреди да се посети, додава Брзачки.
Задоволни од моменталниот живот, семејството Брзачки упатија најубави зборови за своите сограѓани од Пехчево и од Делчево од каде потекнува Даниела сопругата на Влатко и мајка на Александар и поширокиот регион, поканувајки ги кога имаат патување низ овој дел од Европа, да ги посетат во нивното моментално место на живеење и секако да го посетат нивниот ресторан.
Минатата година го посетивме местото Лешче, каде се наоѓа ресторанот и гледајки го неговиот однос кон клиентите уште тогаш се препозна неговиот професионален однос кон сите кои го посетуваат местото, објаснувајки го до детал секое прашање кое ќе го постават гостите. Уште тогаш немавме сомнение дека еден ден Александар ќе води сопствен ресторан.

Во оваа прилика изразуваме и јавна благодарност што минатата година токму ова семејство не прими и ни овозможи отприлика добри 2 дена да престојуваме кај нив, прикажувајки ни ги сите убавини на најпосетениот туристички регион во Словенија.

Во продолжение видео од минатогодишната наша посета на Словенија.

Leave a Reply