Во Делчево и Берово доделени награди на најдобрите ученици Роми

По повод Меѓународниот ден на Ромите, градоначалниците на Делчево и Берово, Горан Трајковски и Звонко Пекевски ги доделија наградите на најдобрите ученици Роми во Делчево за учебната 2024/25.

Најдобар средношколец од ромска националност во Делчево е Окан Шакиров, ученик во 3-5 клас во СОУ „М.М Брицо“ и тој од Општина Делчево добива парична награда од 10.000 денари. По 5.000 денари добија најдобрите ученици Роми во основното образование: Севги Ибраимова, ученичка во 9 одделение во ООУ „Ванчо Прке“ и Алисија Нарин Мемедова ученичка во 6 одделение во ООУ „Св.Климент Охридски“ ПУ Тработивиште.

Овие парични награди на најдобрите ученици Роми во Делчево како што истакна Трајковски се традиционални и претставуваат мотивација на учениците да постигнуваат подобри резултати во образованието.

-Ценејќи дека соодветното образование е една од алките кои дава можност за конкурентност на пазарот на трудот и основа за понатамошен индивидуален професионален развој и со цел мотивација за постигнување подобри резултати во образованието кај ромската заедница, традиционално по повод Меѓународниот ден на Ромите, Општина Делчево ги наградува одличните ученици Роми во образовните институции. Верувам дека со успеси во образованието и натпревар во знаења може да се оствари посакуваната цел во животот, рече Трајковски.

На сите припадници на ромската етничка заедница, им го честиташе денешниот празник, 8-ми Април-Светскиот ден на Ромите и им посака здравје, среќа, успех и продолжување на соживотот со ромската заедница.

Во чест на Светскот ден на Ромите, 8-ми Април, денеска прием на претставници од основното и средното образование, оствари и Звонко Пекевски, градоначалник на Берово.

-Заедно го поставивме ромското знаме, на јарболот пред зградата на Општина Берово. Преку програмата за образование, на најдобрите ученици Роми, од основното и од средното образование, оваа година им доделуваме парични награди на: Сезен Демировска- за најдобар ученик од Ромска националност, од основното образование и Хадиса Демирова- за најдобар ученик од Ромска националност од средното образование, истакна Пекевски.

Додаде дека Општината континуирано, вложува средства за реализација на проекти, од комунална и патна инфраструктура, подобрување на социјално економската положба, олеснување на образовниот процес, урбанизација, легализација, домување, водовод и канализација, при што овозможуваме елиминација на разликите и го подобруваме животот на Ромите во Берово.

Водени од големата европска идеја ,,Обединети во различностите” и понатаму како што рече општината ќе продолжи во надминување на проблемите и постигнување на целта, едно општество за сите и сплотени на тој начин остварувајки ги приоритетите на ромската заедница.

Овој ден, е само уште еден поттик, кон зајакнување на меѓуетничката соработка и градењето на мултиетничко општество, а постигнатите резултати, претставуваат мотив за понатамошен заеднички ангажман, кој ќе се стреми кон подобрување на повеќе аспекти од животот на Ромите.

Со целосна почит кон припадниците на ромската етничка заедница, на сите, Ви го честитам Меѓународниот ден на Ромите- 8 април, еден од најважните датуми во историјата на овој народ и ги упатувам моите пораки за добро здравје, среќа, љубов, мир, успех и многу позитивна енергија.

Bahtalo 8 April!, заврши Пекевски.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*