Ретро технологијата како патување низ времето: Работилница за децата во библиотеката „Илинден“ – Делчево

Ретро технологијата како патување низ времето: Работилница за децата во библиотеката „Илинден“ – Делчево

Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево реализираше едукативна и забавна работилница со наслов „Ретро технологијата – запознај ги уредите на минатото“. Настанот предизвика голем интерес кај најмладите, кои имаа можност да се запознаат со технологија која ја користеле нивните баби и дедовци.

Децата се сретнаа со стари телефони со бројчаник, пишувачки машини, касетофони, грамофонски плочи, аудиокасети, магнетни ленти и телефакс – уреди кои денес се реткост, но во своето време биле дел од секојдневието.

Особено интересна беше активноста во која децата во стар телефонски именик го пронаоѓаа името на свој роднина, па на „ротари“ телефон го вртеа бројот за да го повикаат. Се премотуваа касети со пенкало, се објаснуваше како порано се испраќале документи преку телефакс, а не преку е-пошта. За нив – нов свет; за возрасните – носталгија и спомени од детството.

Работилницата беше вистинско патување низ времето, каде децата преку игра и демонстрации ја открија историјата на технологијата. Возрасните, пак, кои ја водеа работилницата, со топлина се присетија на звуците на пишувачката машина, на чекањето додека телефонскиот број се „заврти“ и на омилените песни што се слушаа на касетофон.

Во време кога новите технологии секојдневно се развиваат, ваквите активности потсетуваат дека зад секој модерен уред стои историја на креативност, упорност и еволуција. Стариот телефон не беше само средство за комуникација, туку симбол на трпение. Машината за пишување беше алатка за писатели и новинари, а касетите и плочите носеа емоции, љубов и спомени.

Како што велат организаторите, „ретро технологијата не е само стара опрема – таа е прозорец кон минатото, инспирација за иднината и потсетник на вредноста на секојдневните удобности што денес ги имаме.“

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*