„КОПАЧКАТА“ повторно на Загребскиот фолклорен фестивал, после далечната 1975 година

ЗФГ Копачка с. Драмче, Делчево се годинашниве претставници од Македонија, на 59 издание на Интернационалниот фолклорен фестивал во Загреб, Хрватска, кој годинава со одлука на Хрватскиот парламент, е посветен на 1100 годишнината од Хрватското кралство. Овој традиционален фестивал, наследник на Југословенските смотри на фолклорот, е еден од најважните настани во областа на фолклорот и традиционалната култура во Хрватска.

На улиците на Загреб и сцените во центарот на градот, бројни изведувачи од Хрватска, регионот и други земји од целиот свет ќе ги претстават своите народни песни, ора, обичаи и народни носии, презентирајќи многу аспекти од мноштвото идентитети, од локални до национални.

Членовите на пијанечката „Копачка“, за на сцените низ Загреб, подготвија низа на свои репрезентативни точки од својот репертоар на изворни песни, обичаи, ороводни песни и ора.

Домаќините со нетрпение го очекуваат нашето доаѓање, за да можат во живо, да ја доживеат изведбата на нашата пијанечка симфонија – орото „Копачката“, појдувајки од фактот дека сме носители на ова наше национално, но и светско културно наследство на УНЕСКО, а воедно и организаторите на фестивалот поточно директорот д-р Твртко Зебец, е експертот за нематеријалното културно наследство на УНЕСКО за Хрватска, кој го има подготвено и брането нивното „Немо оро“, кое е исто така впишано во УНЕСКО.

Во петте дена престој се предвидени наши осум концертни настапи, а уметниците од „Копачката“ со видна возбуда и одговорност, го примаат и реализираат овој за нас редок и врвен предизвик на учество и претставување на општината Делчево и Република Македонија на ваков врвен фестивал.

Во саботата, во Културно-информативен центар на Република Македонија во Загреб, ќе бидеме гости на Панел дискусијата: Нематеријална култура и идентитет: Хрватски и македонски елементи на листите на УНЕСКО, а учесници ќе бидат: м-р Мими Ѓоргоска Илиевска (Културно-информативен центар на Република Македонија), Весела Честоева (Министерство за култура на Република Македонија), д-р Мирела Хроватин (Институт за антропологија), Ивона Опетческа Татарчевска (Министерство за култура на Република Македонија), д-р Твртко Зебец (Институт за етнологија и фолклорни студии, уметнички директор на Меѓународниот фолклорен фестивал Загреб).

Целиот град Загреб и околината, дише деновиве во духот на фолклорното традиционално наследство на Хрватска, Европа и светот, на чии сцени, покрај многубројните домаќини, ќе продефилираат и гостите од Костарика, Грузија, Франција, Италија, како и од Бугарија-„Бистричките баби“, со кои имавме заеднички концерт во Скопје, од пред дванаесет години.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*