Ретрокар шоу во Делчево – награди за најреставрирано возило, најмлад и највозрасен учесник

Во центарот на Делчево денес се одржа изложба на стари возила, „Ретрокар Шоу“, во организација на здружението „Kings of the Roads“ од Делчево.

Претседателот на здружението, Лоренцо Трајановски, изрази задоволство од бројот на возилата, и покрај тоа што периодот е летен одмор, и им се заблагодари на сите присутни на настанот.

Меѓу учесниците со својата ,,лада” се издвои гостин од Дупница, кој со својата сопруга и деца патува низ регионот каде што има вакви изложби, а денес во Делчево ја доби наградата за најреставрирано возило.

-Се викам Ивајло Паунов од Дупница, гости сме на Лоренцо и Делчево кој е прекрасен град. Ладата е 1989 година, 1600 кубила со капучино боја, претходно планирана за испорака во Западна Германија. Многу убав настан благодарам на поканата, рече Паунов.

На настанот учествуваа повеќе возила од типот Застава 750 или популарното ,,фиќо”.

-Ова е Застава 750 произведена 1985 година со четири брзини. Купена е од с.Луковица и ја имаме три години, полека ја реставрираме. Со неа имаме возено најдалеку до с.Полето, истакнаа учесници од М.Каменица.

Учесник од Благоевград, Р Бугарија на олд тајмер собирот дојде со модел кој според него вреди 30.000 левови или 15.000 евра.

-Возилото е 200 кубика, секојдневен автомобил купен 1992 година во Бугарија. При реставрацијата има доста комбинации од повеќе возила што може да го видите на банерот каде точно е опишано што се е изменето од првичната верзија. Не ја продавам, но ако треба да се продаде мислам дека вредноста и е 30.000 лева, вели сопственикот на Форд Сиера од Бугарија.

Покрај благодарници за сите учесници, организаторите доделија и награди за најмлад учесник и за највозрасен учесник, со што уште еднаш ја потврдија својата цел да го негуваат љубителскиот дух и пријателството меѓу генерациите љубители на класични возила. Настанот се одржа под покровителство на Автовозач фер и други помагатели, а во рамки на истиот се одржа и дефиле низ градските улици во Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*