Во село Ратево, општина Берово, вчера во периодот од 18:30 до 19:30 часот, Одделението за внатрешни работи Берово во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, спроведе превентивно-едукативна активност на тема „Паметно купување и безбедно возење – тротинети и мотори“.
Акцијата беше насочена кон подигање на свеста за правилна и безбедна употреба на моторцикли и електрични тротинети, чие користење последниве години бележи значителен пораст во земјава.
Преку работилницата, на родителите им беше укажано на законската рамка, превентивните мерки и нивната улога во воспитувањето на децата како идни учесници во сообраќајот. Особено беше потенцирано дека минималната возраст за управување со електричен тротинет е 14 години, а за поголема безбедност се препорачува задолжително носење заштитна кацига, штитници и рефлективен елек.
Организаторите упатија апел до родителите да не купуваат електрични тротинети за мали деца, да разговараат со нив за основните правила во сообраќајот и да бидат позитивен пример преку сопственото однесување. Кон децата, пак, беше испратена порака дека безбедноста е поважна од брзината, секогаш да носат кацига и да возат внимателно, особено на места каде има пешаци.
„Безбедноста на патиштата зависи од секој еден од нас. Со почитување на законите, со носење на заштитна опрема и со добра едукација на децата, можеме да спречиме многу несреќи и да зачуваме животи,“ беше истакнато во пораката на оваа активност.
Во рамки на настанот беше дистрибуиран и едукативен материјал изработен во соработка со РСБСП, со цел поголема превенција и подигнување на свеста кај сите учесници во сообраќајот.

Leave a Reply