Во просториите на Јавната локална библиотека „Илинден“ Делчево денеска првоодделенците од ООУ „Св. Климент Охридски“ направија свој прв чекор во магичниот свет на книгите. Настанот беше посветен на запознавање на најмалите ученици со богатството што го нуди библиотеката и волшебниот свет на бајките.
Малите јунаци и принцези имаа можност да слушнат за тоа дека секоја книга е нова авантура и дека читањето отвора врати кон свет исполнет со храбри јунаци, весели животни и безброј магични приказни.
Првоодделенците уживаа во дружбата со омилените ликови од детската литература – Црвенкапа, Малата сирена, Петар Пан, Мачорот во чизми, Грдото пајче, Волкот и седумте јариња, Снежана, Златка и трите мечки, како и многу други.
„Со прво одделение започнува нова приказна, а книгите се најдобрите другари на децата. Сакаме тие да станат наши членови и секој ден да откриваат ново чудо,“ порачаа од библиотеката.
Читалната и овојпат беше исполнета со радост, насмевки и игра, а на крајот следуваше благодарност до учениците и наставничките Каролина, Маја и Ана, кои со својата поддршка придонесоа овој ден да биде посебен.
„Читањето е магија што расте во нас!“ – порачаа домаќините од ЈЛБ „Илинден“ Делчево.

Leave a Reply