Фолклорната група при Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево ја започна новата сезона со збогатен состав и нова енергија. Најмладите членови беа изненадени со мали внимателни подароци, како симбол на поддршка и охрабрување за нивните први чекори во светот на фолклорот.
„Најмалите членови ги израдувавме со мали внимателни подароци – симбол на нашата грижа и љубов кон нивниот прв чекор во светот на традицијата. Оваа сезона сме побогати за 20 нови членови од различни возрасни групи – доказ дека љубовта кон македонскиот фолклор и култура постојано расте и се пренесува на новите генерации. Добредојдовте во нашето големо семејство! Заедно ќе ја чуваме и негуваме народната песна, музика и оро,“ истакна Кристијан Трајановски, соработник за фолклор и сценско-уметничка дејност при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево.

Од Центарот за култура додаваат дека зголемениот интерес кај младите и повозрасните љубители на фолклорот е потврда за значењето на традицијата и потребата од нејзино негување во современото општество.
Фолклорната група и оваа сезона ќе продолжи со редовни проби, настапи на концерти и учества на фестивали во земјава и во странство, промовирајќи ја македонската песна и оро како дел од богатото културно наследство.


Leave a Reply