Денеска во Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево се одржа едукативно-забавна работилница под наслов „Здрави заби – весели насмевки на среќни деца“, на која учествуваа 28 деца на возраст од 2 до 8 години.
Работилницата беше вистинска авантура за најмладите, кои на креативен начин се запознаа со правилната орална хигиена и значењето на здрава насмевка.
Стоматологот Симон Наџенски, специјалист по општа стоматологија, им демонстрираше на децата како правилно да ги мијат забите и им објасни зошто редовната грижа и здравата исхрана се клучни за здравјето на забите. Преку разговор, примери и практични совети, најмалите имаа можност активно да се вклучат со прашања и дискусии.
Настанот заврши во весела атмосфера – сите деца добија подароци од стоматолошката ординација „Д-р Наџенски“ и заминаа дома со голема насмевка и нови знаења.
Со вакви активности, библиотеката „Илинден“ и локалните здравствени работници потврдуваат дека грижата за најмладите и нивното здравје е приоритет, затоа што секое среќно детство започнува со здрави заби.

Leave a Reply