Делчево, 26 октомври 2025 – Интензивно се одвиваат градежните работи на реконструкцијата на регионалниот пат Делчево – село Габрово, проект што беше долгогодишно барање на жителите од овој дел на општината.
Вработените во Јавните претпријатија „Државни патишта“ и „Македонија пат“ работат на терен дури и за време на викендите и во неповолни временски услови, со цел побрзо завршување на работите и овозможување на модерна и безбедна сообраќајница за жителите.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, изјави дека проектот претставува исполнување на едно од најважните барања на жителите на село Габрово и нивните семејства.
„Желбата да се помогне максимално експресно на жителите на село Габрово е видлива кај вработените во јавните претпријатија. Се работи со посветеност, за граѓаните што побрзо да добијат современ и безбеден пат. Разминувањето на возилата и прегледноста на патот ќе бидат значително подобрени, што ќе придонесе за поголема безбедност и помалку проблеми во сообраќајот“, изјави Гоцевски.
Тој додаде дека ваквите инфраструктурни проекти, покрај подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, имаат големо значење и за локалниот економски развој, како и за развојот на руралните населби и туризмот во регионот.

Со реализацијата на овој проект се очекува подобра поврзаност на селото Габрово со Делчево и соседните населени места, како и подобрување на условите за секојдневно функционирање на жителите.

Leave a Reply