Онлајн предавање за манастирските библиотеки во организација на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево

Делчево, 28 октомври 2025 – Во читалната на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево денес се одржа онлајн предавање на тема „Манастирските библиотеки“, во соработка со НУ „Григор Прличев“ – Охрид.

Предавањето го одржа докторант Елена Станкоска, виш библиотекар во охридската библиотека, која преку своето истражување ги доближи на присутните ученици богатството и значењето на манастирските библиотеки како чувари на духовното и културното наследство.

Онлајн настанот го следеа учениците од шесто одделение од двете основни училишта во Делчево, предводени од својот наставник по Етика во религиите, Никола Мајсторски. Учениците токму оваа тема ја обработуваат како наставна единица и имаа можност да дознаат повеќе за улогата на манастирите во зачувувањето на писменоста, традицијата и книжевното наследство, како и за начинот на нивна адаптација во современиот дигитален свет.

Од ЈЛБ „Илинден“ – Делчево упатија благодарност до двете основни училишта во градот, до наставникот Мајсторски и до НУ „Григор Прличев“ – Охрид, особено до библиотекарот Елена Станкоска, за можноста вакво предавање да се реализира во рамки на образовните активности на библиотеката.

„Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина, бидејќи ваквите предавања се одличен начин учениците одблиску да се запознаат со нашето духовно и културно богатство,“ велат од библиотеката.

Манастирските библиотеки се меѓу најстарите и највредните чувари на македонското културно наследство. Во минатото тие биле центри на писменост, образование и книжевност. Манастирите „Св. Наум“ и „Св. Јован Бигорски“ поседувале значајни ракописи од огромна вредност за македонската и словенската култура, дел од кои денес се чуваат во национални библиотеки и музеи.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*