Гоцевски: Ја враќаме довербата на граѓаните кон локалните институции

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска ја одржа својата прва прес-конференција, на која најави почеток на имплементацијата на новата Програма за комуникација со јавноста, со цел зголемување на транспарентноста и враќање на довербата на граѓаните кон локалните институции.

Според Гоцевски, програмата предвидува отворени и јавни тематски прес-конференции на неделно ниво, преку кои јавноста ќе биде навремено информирана за сите тековни активности на Општината.

– Во најкус можен рок оваа политичка определба ќе се преслика и во сите локални институции под ингеренции на Општината. Веќе се дадени насоки за формирање тимови во администрацијата кои ќе бидат постојано на располагање на граѓаните. Целта е значително подобрување на јавноста и транспарентноста во работата на градоначалникот, Советот на Општината, Локалниот младински совет, месните и урбаните заедници и другите општински служби – изјави Гоцевски.

Тој нагласи дека довербата добиена од граѓаните претставува голема обврска и мотив за посветена работа во интерес на општото добро.

– Довербата што ми ја дадовте не е само изборен резултат, туку завет и поттик да се работи искрено и одговорно, бидејќи нашиот град заслужува напредок, правда и достоинство. Започнуваме заедничка мисија – да изградиме општина што слуша, работи и се грижи за секој граѓанин. Нема повеќе затворена администрација, ниту градоначалник што комуницира само преку соопштенија или снимени обраќања – истакна Гоцевски.

Со оваа иницијатива, Општина Делчево најавува нов модел на отворена локална самоуправа која ќе биде поодговорна и потранспарентна во однос на своите граѓани. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*