Делчево: Изложба во чест на уметникот Пепи Атанасов

Делчево, 11 ноември 2025 – Во чест на еден од најпознатите делчевски уметници, Пепи Атанасов, Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево денес организира изложба на негови уметнички дела под мотото „Тивка светлина на платно – во спомен на Пепи“.

Во холот на библиотеката се изложени неколку дела од богатото творештво на Атанасов, токму на денот кога се навршува една година од неговата смрт. Изложбата е отворена за сите граѓани и љубители на уметноста, кои можат да ги разгледаат делата што сведочат за неговата љубов кон животот, природата и луѓето.

Од библиотеката „Илинден“ велат дека со оваа изложба му оддаваат почит на неговиот талент и придонес кон уметничкиот живот на Делчево, потсетувајќи дека уметноста живее сè додека некој ја чувствува.

– Со изложените слики сакаме да ја споделиме светлината што зад себе ја остави еден искрен уметник, човек и пријател. Благодарност до неговата сопруга Вики, која ни овозможи да ги изложиме делата во библиотеката – велат од ЈЛБ „Илинден“.

Пепи Атанасов, роден во 1967 година, остави длабока трага во културниот живот на Делчево. Познат е по своите мурали на општинската зграда, комплексот „Делчевчанка“, воспитно-образовните установи во градот, како и на повеќе колективни станбени објекти. Неговите дела, исполнети со боја и тишина, остануваат жив спомен на еден уметник кој својот град го пренесе на платно.

Вечна слава на Пепи Атанасов.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*