ЈЛБ „Илинден“ Делчево го одбележа Денот на љубезноста

Делчево, 13 ноември 2025 – Со насмевки, убави зборови и пораки за добрина, денеска во Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево, заедно со првооделенците од ООУ „Ванчо Прке“, беше одбележан 13 ноември – Светскиот ден на љубезноста.

Настанот, кој се одржа во соработка со наставничките Соња, Андријана и Цветанка, беше посветен на потсетување дека убав збор, насмевка и мала добра постапка можат да направат голема разлика во секојдневниот живот.

„Љубезноста е како светлина – кога ја делиме, ја има повеќе. Секое ‘благодарам’, секоја помош на другарче, секое извинување или насмевка ја прават нашата заедница подобро место“, порачаа домаќините од библиотеката.

Како симбол на денот, децата заедно со своите наставнички и библиотекарките изработија „Ѕид на љубезноста“ – креативен простор каде ги оставија своите мисли, желби и дела што носат добрина. На шарени срца и сонца учениците напишаа убави пораки и мисли за тоа што значи да се биде добар, внимателен и насмеан кон другите.

„Секое залепено срце и сонце е потсетник дека љубезноста започнува од нас. Љубезноста да биде наш избор – секој ден, кон секого“, беше пораката што ја испратија најмалите делчевчани од денешната активност.

Настанот беше дел од континуираните активности на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево за поттикнување на позитивни вредности, емпатија и општествена одговорност кај најмладите.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*