
Во Македонска Каменица, во културно-информативниот центар „Романса“ доделени наградите на третото издание на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“. На свечената академија, која ја заокружи годинешната фестивалска програма, беа доделени признанијата на лауреатите од повеќе области, а програмата беше збогатена со мини-концерт на Драган и Ратко Даутовски и поетски рецитал на Игор Трпчески од „Слем поезија Македонија“.






Годинешни добитници на признанија се Драган Даутовски за музика, Мирко Узелац за иновации, Марин Александров за наука, Лазе Трипков за графички дизајн, Гоце Наумов за археологија, Георги Унковски за филм, Тони Цифровски за публицистика, МТФ „Војдан Чернодрински“ за театар.
Награди добија и Македонската заедница во Република Хрватска, МКД „Охридски бисер“ Загреб и Ивана Брезовец за промоција на македонскиот јазик и култура во Република Хрватска, Гоце Панговски за промоција на македонската историја и култура во дијаспората, Кристина Паскоска за антропологија и Македон Димитровски за млади надежи.






За најчитан автор во библиотеките во Македонија за 2025 и НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид како библиотека со најголем број издадени книги од домашни автори и годинава наградата му припадна на Далибор Трајков.
Во наредниот период фестивалот традиционално ќе ја претстави работата на наградените преку тематски работилници по археологија, графички дизајн, иновации, типографија и калиграфија, што ќе ги водат Гоце Наумов, Лазе Трипков, Мирко Узелац, Ласко Џуровски и Гоце Дуртаноски.

-Планирани се и промоции на нови изданија од Далибор Трајковски, Милијана Павловска и Љупчо Јолевски, како и изложба на Часословот на Јаков од Камена Река и најдобрите трудови од Конкурсот за убаво пишување и калиграфија, истакнаа од организациониот одбор на фестивалот.
Во рамките на активностите поврзани со фестивалот, Ивана Брезовец одржа презентации пред учениците на СОУ „Миле Јаневски Џингар“ во Македонска Каменица и СОУ „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево, претставувајќи ја работата на Македонската заедница во Хрватска и МКД „Охридски бисер“ Загреб.
На 18 декември, во соработка со Прогресив академија и Макпрогрес Виница, во Развојниот центар на „Винчини“ во Виница ќе се одржи работилница за краснопис и калиграфија, на која ќе бидат доделени признанијата од годинешниот конкурс за убаво пишување. вс/

Leave a Reply