
Во Делчево вечерва се одржа традиционалниот Новогодишен концерт на кој настапија фолклорната група при Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров„ и Женската пејачка група „Ѓурѓа“. По тој повод еве што изјави директорот на установата Златко Начовски:
-Како што кажавте, ова е традиционален годишен концерт кој нашата установа континуирано го организира. Се надевам дека публиката беше задоволна од сè што вечерва го подготвија нашите учесници, од најмалите до повозрасните членови. Посебно ми е драго што и Пејачката група „Ѓурѓа“ се претстави одлично и ја потврди својата квалитетна музичка активност. Задоволство ми е да соопштам дека со овој Новогодишен концерт официјално ја отвораме и новогодишната програма на Општина Делчево, која веќе утре ќе биде претставена на јавноста. На 31 декември ќе ја дочекаме и Новата година со богата програма и повеќе изведувачи“, додаде директорот на НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“ Златко Начовски.
Концертот го проследи и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски кој нагласи дека традицијата продолжува, а Делчево вечерва повторно блеска во полн сјај.
-Бев дел од едно навистина емотивно и прекрасно доживување во Спомен домот „АСНОМ“, каде што фолклорната група „Вапцаров“ и женската пејачка група „Ѓурѓа“ го исполнија просторот со македонска песна, убавина и дух што не може да се опише со зборови – само да се почувствува.

Горд сум што во нашата општина има луѓе кои ја негуваат традицијата, ја пренесуваат од генерација на генерација и со својата искрена енергија создаваат моменти што остануваат запаметени.
Вечерва уште еднаш се уверив дека Делчево знае да ја чува и почитува својата култура.
Преполната сала ја направи оваа вечер посебна и е уште една причина повеќе што ја одржува жива нашата македонска приказна.. 👏👏👏, истакна Гоцевски.
Во рамки на настанот посебна благодарност беше оддадена на Менсур Арифи, вработен во установата кој заминува во пензија.
Во продолжение еве го и видеото од сето она што се случуваше вечерва во Спомен Дом АСНОМ во Делчево.

Leave a Reply