ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „ЦАРЕВО СЕЛО НИЗ СТРАНИЦИТЕ НА ВРЕМЕТО (1924–1937)“ ВО ЈЛБ „ИЛИНДЕН“ – ДЕЛЧЕВО

Делчево, 29 јануари (МИА) – Во читалната на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево денеска беше поставена мала изложба насловена „Царево село низ страниците на времето (1924–1937)“, преку која се претставени извадоци од весници што сведочат за историскиот, економскиот и културниот развој на тогашното Царево село.

Периодот од 1924 до 1937 година, прикажан преку архивски новински написи, ја отсликува динамиката на општествените промени, предизвиците и стремежите на локалното население. Весниците, како хроника на времето и глас на јавноста, овозможуваат увид во атмосферата и значењето на Царево село во поширокиот историски контекст.

На отворањето на изложбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, како и поголем број граѓани.

Од библиотеката истакнуваат дека целта на изложбата е зачувување на пишаната меморија и доближување на историјата до сегашните и идните генерации, нагласувајќи дека идентитетот се гради врз сеќавања, документи и автентични приказни од минатото.

Изложбата е реализирана со поддршка на Мартин Димоски од Скопје, кој доставил оригинални извадоци од весници во кои се споменува Царево село. Меѓу нив се и написи од весникот „Време“ од 1932 година, каде Царево село се опишува како духовно и човечко упориште, симбол на истрајност и надеж, како и текст од весникот „Правда“ од 1929 година, во кој селото се наведува како значаен трговски и економски центар со развиен просветен и културен живот.

Од утре, сите изложени новински извадоци ќе бидат поставени во холот на библиотеката, а од ЈЛБ „Илинден“ – Делчево упатуваат отворена покана до граѓаните да ја посетат изложбата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*