Интервју со директорката на Здравствен дом „Гоце Делчев“ Делчево, д-р Билјана Георгиевска

Делчево365: Добар ден, седнуваме во Здравствен дом Делчево и сакаме да започнеме со најактуелното. Во установата неодамна се приклучија нови невролози. Колку нови невролози доби установата и што ова значи за граѓаните?

д-р Билјана Георгиевска: Добар ден. Овие денови започна со работа амбулантата за неврологија. Имаме двајца невролози кои се веќе готови специјалисти. Конкретно, д-р Даниела започна со работа во амбулантата за неврологија во Делчево, а д-р Дарко во амбулантата во Македонска Каменица. Од 2-ри февруари, значи од вчера, амбулантите се отворени и сите пациенти можат да закажат термин. Амбулантите се наоѓаат во здравствената станица во Македонска Каменица и една во Здравствен дом Делчево.

Делчево365: Постојат ли и други специјализации што се започнати или најавени во установата?

д-р Билјана Георгиевска: Да, минатата година се вработија пет нови лекари: четворица во Итната медицинска помош во Делчево и еден во Итната медицинска помош во Македонска Каменица. Лекар по интерна медицина веќе беше испратен на специјализација, а оваа година планираме испраќање на двајца лекари на различни специјализации, меѓу кои еден по трудова медицина и еден по радиологија во здравствената станица во Македонска Каменица. Со тоа очекуваме зголемување на персоналот и во Итната медицинска помош.

Делчево365: Се најавуваше и зголемување на просторот за влез во Здравствениот дом, посебно за Итната медицинска помош. Може ли да ни кажете повеќе за тоа?

д-р Билјана Георгиевска: Како еден од приоритетните проекти е проширување на влезот и воведување на одделен влез за Итната медицинска помош. Веќе се разгледуваат сите можности за решавање на овој проблем.

Делчево365: Дали има нови донации или опрема во установата?

д-р Билјана Георгиевска: Да, имаме повеќе донации:

  • Фирмата Европа 92 донираше украсни дрвца, и веќе започнавме со уредување на дворното место.
  • Фирмата Постолски донираше компјутери кои се веќе во употреба во здравствената станица во Македонска Каменица.
  • Исто така, се очекува дополнителна медицинска опрема која ќе биде ставена во функција за граѓаните.

Делчево365: Кои услуги се достапни за пациентите во установата, и дали продолжуваат да работат и оваа година?

д-р Билјана Георгиевска: Продолжуваат да работат: амбуланта кардиологија, амбуланта неврологија, амбуланта ортопедија, амбуланта урологија, а оваа година ќе имаме и дипломиран психолог. Истовремено, се преговара со други специјалисти кои ќе доаѓаат во Делчево за да им обезбедиме услуги на граѓаните.

Делчево365: Во Македонска Каменица, минатата година рудникот Саса ја поддржа здравствената станица. Дали соработката продолжува и оваа година?

д-р Билјана Георгиевска: Да, продолжува. Имаме поддршка и од Општина Македонска Каменица за реновирање на здравствената станица, а и Рудник Саса ќе вложи средства за истото.

Делчево365: Благодарам за разговорот. Дали можеме да очекуваме новитети и во иднина, особено во поглед на зголемување на лекарскиот тим?

д-р Билјана Георгиевска: Благодарам и јас. Се надеваме дека во иднина ќе продолжиме да ги зголемуваме лекарските тимови и со тоа да ги подобруваме услугите за нашите сограѓани.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*