За прв пат отворена седница за прашања од граѓани на Советот на Општина Делчево

Шестата седница на Советот на Општина Делчево ќе биде посветена исклучиво на прашања и предлози од советниците и граѓаните до актуелните локални функционери. Седницата е закажана за 27 февруари, а единствената точка на дневниот ред се однесува на поставување прашања и изнесување предлози до:

1️⃣ Претседателот на Советот на Општина Делчево
2️⃣ Градоначалникот на Општина Делчево
3️⃣ Директорот на СОУ „М.М. Брицо“
4️⃣ Директорот на ООУ „Ванчо Прке“
5️⃣ Директорот на ООУ „Св. Климент Охридски“
6️⃣ Директорот на ЈКП „Брегалница“
7️⃣ Командирот на Територијалната противпожарна единица
8️⃣ Директорот на Градската библиотека
9️⃣ Директорот на Детската градинка „Весели Цветови“

На седницата, граѓаните ќе имаат можност директно да поставуваат прашања и да даваат предлози до сите наведени претставници.

– „Со воведување на овој нов стандард во работата на Советот, ја потврдуваме нашата улога како тело што работи во интерес на граѓаните и ја негува практиката на отворено и одговорно управување. Отворената седница е силна порака дека општината е достапна и подготвена да ги слушне граѓаните и да ги вклучи во процесот на одлучување“, истакна претседателот на Советот, Николчо Стојменовски.

Градоначалникот Иван Гоцевски ја поздрави иницијативата и нагласи дека овие седници го потврдуваат заложбата на Општина Делчево за транспарентност и отчетност, со активно учество на граѓаните во донесувањето локални одлуки.

– „Отворените седници на Советот се одлична алатка за подобра комуникација со граѓаните. Одговорната локална власт мора да го слуша гласот на граѓаните. Оваа форма на работа значи дека функционерите директно одговараат пред јавноста за својата работа, одлуките и трошењето на јавните средства, а граѓаните добиваат простор да ги изнесат своите проблеми, предлози и идеи“, истакна Гоцевски.

Прашањата и предлозите можат да се достават преку:

  • Социјалните мрежи на претседателот на Советот и на Општина Делчево
  • Е-маил: info@delcevo.gov.mk
  • СМС или повик на телефонскиот број: 070 983 538

Отворените седници ќе продолжат и во наредниот период како дел од стратегијата за транспарентна и одговорна локална самоуправа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*