Во соработка со ЈЛБ „Илинден“ и НУЦК „Н. Ј. Вапцаров“, беше отворена изложбата „Будна вода“, во рамки на која се одржа и промоција на најновата книга „Разбудена вода“ од авторката Дијана Петкова.
Настанот претставуваше уникатен спој на визуелната уметност и литературата, инспириран од симболиката на водата како извор на живот, движење и духовно будење. Присутните имаа можност да се запознаат со изложените дела, како и со поетската збирка која тематски се надоврзува на уметничкиот концепт на изложбата.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 17 април 2026 година.
Збирката „Разбудена вода“ содржи дваесет хибридни поетски записи (хаибун) и дваесет фотографии од слики, изработени од самата авторка. Во делото, симболот на водата е централна тема преку која Петкова ја истражува свеста – и свеста на водата, но и свеста за водата.
Книгата претставува пример за таканаречено „женско писмо“, и тоа од повеќе аспекти. Напишана е во жанр развиен од жена авторка, кој се надоврзува на книжевни форми исто така промовирани од жени, што ѝ дава дополнителна уникатност во современата книжевна продукција.
Дијана Петкова се издвојува како значаен и интересен глас на современата македонска книжевна сцена. Како авторка наклонета кон хибридни книжевни форми, инспирирани од традиционалните јапонски и модерните американски куси поетски жанрови, таа создава сопствени изразни модели.
Во „Разбудена вода“, авторката вклучува и дваесет патописи инспирирани од нејзините патувања на локации поврзани со вода, како во Македонија, така и во странство, претставувајќи ја Земјата како заеднички дом. Делото носи и силна еколошка порака, што го прави општествено одговорно и актуелно.
Дијана Петкова е родена во Скопје, каде дипломирала на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“, „Стожер“, „ТЕА модерна“ и хрватското списание „Ирис“. Авторка е на повеќе поетски збирки, меѓу кои „Стефанија“ (1999), „Деца од свила“ (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013), „Честичка свесност“ (2014) и други.
Книгата „Разбудена вода“ наскоро ќе биде обработена и достапна за сите читатели во библиотеката.

Leave a Reply