Работилница за поттикнување на детската фантазија и развивање на љубов кон читањето

По повод Светскиот ден на книгата – 23 април, во ЈЛБ „Илинден“ во Делчево се одржа креативна и едукативна работилница на која учествуваа 18 деца.

Настанот помина во весела атмосфера, исполнета со игра, дружење и љубов кон книгата. Децата имаа можност да откриваат ликови од познати сказни, кои потоа ги раскажуваа и преку заедничка соработка создадоа сопствена приказна. Чекор по чекор, збор по збор, се роди нова приказна, а како нејзини автори се потпишаа токму најмладите учесници.

Во рамки на активностите беше организирана и мала потрага низ библиотеката, при што децата со голема љубопитност бараа „познати ликови“ од омилените бајки, скриени меѓу книгите во читалната.

Од библиотеката истакнаа дека ваквите настани ја поттикнуваат детската фантазија и ја развиваат љубовта кон читањето.

– Нивната радост, смеа и креативност уште еднаш потврдија дека љубовта кон книгата се раѓа и живее токму во детските срца, посочуваат од ЈЛБ „Илинден“.

Од таму упатија благодарност до сите учесници за енергијата и позитивната атмосфера што ја донесоа во библиотеката.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*