На денешната седница на Советот на Општина Делчево беа разгледани и усвоени 24 точки од дневниот ред, при што советниците донесоа низа одлуки од финансиски, меѓуинституционален и развоен карактер.
Советот ја усвои Одлуката за проширување на Буџетот на Општина Делчево за 2026 година, со зголемување на планот на дотации за 4.087.496 денари, како пренесен вишок од претходната година. Средствата се распределуваат на ЈЛБ „Илинден“, двете основни училишта, СОУ „М.М. Брицо“ и детската градинка „Весели Цветови“.
Формирана е Комисија за доделување награди и признанија на Општина Делчево, а Советот донесе и одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Берово во областа на инспекцискиот надзор, како и решение за формирање заедничка комисија за подготовка на соодветниот акт.
Прифатена е донација од Фудбалски клуб „Брегалница 1926“ Делчево, која се состои од четири мултифункционални спортски справи, наменети за јавна употреба. За донацијата ќе биде склучен посебен договор.
Советот даде согласност и за нова меѓуопштинска соработка со Општина Македонска Каменица во областа на инспекцијата за заштита на животната средина.
На седницата беа донесени и две одлуки за збратимување – со општините Новело, Монфорте д’ Алба и Родино од Италија, како и со Општина Рача од Република Србија, при што градоначалникот е овластен за потпишување на соодветните акти.
Советниците усвоија и повеќе годишни извештаи, сметки и програми на јавни претпријатија и институции, меѓу кои ЈЛБ „Илинден“ и ЈКП „Брегалница“, како и програмите за образование, управување со отпад, ревитализација по кризи и оперативниот план на ТППЕ Делчево за 2026 година.
Исто така, беа донесени одлуки за финансиска поддршка на спортски клубови, здруженија и граѓани, меѓу кои ФК „Брегалница 1926“, Боксерски клуб „Тигар“ МБМ Делчево, Меѓуопштинското здружение на цивилни инвалиди од војната Штип, како и повеќе поединечни барања за парична помош.

Leave a Reply