ЈЛБ „Илинден“ – Делчево со едукативна работилница го одбележа Денот на Свети Кирил и Методиј

Во пресрет на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, ЈЛБ „Илинден“ од Делчево организираше едукативна и креативна активност посветена на светите браќа Кирил и Методиј, со која најмладите одблиску се запознаа со почетоците на словенската писменост и значењето на нивното дело.

По повод големиот празник, библиотеката беше домаќин на учениците од трето одделение при ООУ „Св. Климент Охридски“, заедно со наставничките Александра, Мимица и Ели. Преку интерактивна работилница, учениците имаа можност да се запознаат со глаголицата – првото словенско писмо создадено од светите браќа, да ги споредуваат буквите со кирилицата и самите да пишуваат зборови и свои имиња со старото писмо.

Од библиотеката истакнаа дека целта на активноста била на симболичен и интересен начин кај децата да се доближи важноста на делото на Свети Кирил и Методиј, кои се темелите на словенската писменост, литература и духовност.

Во рамки на средбата, учениците слушнаа и повеќе историски факти за животот и мисијата на солунските браќа, нивната улога во Моравската мисија, како и за создавањето на азбуката и преводот на Светото писмо на разбирлив народен јазик.

Од ЈЛБ „Илинден“ посочија дека ваквите активности се важни за негување на културното наследство, јазикот и писменоста уште од најрана возраст, а интересот и љубопитноста кај учениците покажале дека работилницата била и поучна и инспиративна.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*