Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Делчево ќе се трансформира во индустриска зона и ќе премине под надлежност на Општина Делчево. Ова е предвидено со новиот Закон за индустриски зони – зелени зони, а беше тема на денешниот консултативен состанок меѓу градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски и директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, кој се одржа во Скопје.
На состанокот биле презентирани законските одредби, постапката за трансформација на зоната и административните чекори што треба да ги преземе локалната самоуправа за спроведување на процесот.
Според градоначалникот Гоцевски, трансформацијата претставува нова можност за активирање на зоната во Делчево, која речиси 15 години останува нефункционална.
– Со оваа трансформација Општината ќе има поголема контрола врз земјиштето и развојот на зоната. Наместо да се чекаат исклучиво големи странски инвестиции, ќе се создадат услови просторот да се понуди и на домашни компании, мали и средни претпријатија, магацински капацитети и лесна индустрија. На тој начин може побрзо да се стави во функција целиот простор, а Општината да обезбеди дополнителни приходи од комуналии, закупнини и други надоместоци, истакна Гоцевски.
Тој додаде дека по завршувањето на законските и административните процедури, очекува да започне нова развојна фаза за локалната економија.
Индустриската зона во Делчево располага со површина од 20,83 хектари и содржи осум градежни парцели наменети за изградба на капацитети од лесна и незагадувачка индустрија.
Со Законот за индустриски зони – зелени зони се опфатени и технолошко-индустриските развојни зони во Виница, Берово, Ранковци, Радовиш, Кичево и Кратово, кои исто така ќе бидат предмет на трансформација согласно новите законски решенија.

Leave a Reply