Пехчево и ова лето ќе биде домаќин на едно од најпосетените музички случувања во источниот дел на Македонија. Организаторите ја објавија комплетната програма за Фестивалот на дувачки оркестри – Пехчево 2026, кој ќе се одржи на 10 и 11 јули на плоштадот „Св. Петар и Павле“.
-Првата фестивалска вечер, во петок на 10 јули, ќе започне со настап на Пензионерскиот хор „Малешевска Китка“, по што следуваат музичките настапи на Кверкус Бенд и Матеј, Бојана Ѓузелова, Бојан и Богдан Ристиќ Brass Bend, како и Brass Brothers. Врвот на вечерта ќе биде концертот на еден од најпознатите балкански фолк-пејачи, Драган Којиќ – Кеба, кој се очекува да привлече бројна публика од земјата и регионот, информираа од Општината.
Втората фестивалска вечер, на 11 јули (сабота), ќе започне со традиционалниот Фестивал на детски песни „Поточиња“.
-Музичката програма продолжува со настап на Бело Копче – трибјут Бело Дугме. Публиката ќе има можност да ужива и во концертот на една од најпопуларните регионални поп-пејачки Теодора Џехверовиќ, додека за завршницата на фестивалот ќе биде задолжен IKE DE KOKA, додадоа од Општината.
Со богата музичка програма, настапи на дувачки оркестри, познати регионални музички ѕвезди и содржини за сите генерации, организаторите најавуваат уште едно незаборавно фестивалско издание кое ќе го претвори Пехчево во центар на добрата музика и забавата.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Св. Петар и Павле“, а влезот за посетителите е традиционално слободен.

Leave a Reply