КК „Патриот“ Делчево ги започна подготовките за новата сезона: Амбициозен состав и нови засилувања

Физичката подготовка веќе се одвива на спортските терени „М.М. Брицо“, а тимот го очекуваат техничко-тактички подготовки, традиционалниот камп и серија пријателски натпревари

Кошаркарскиот клуб од Делчево ги започна подготовките за новата сезона, во која тимот влегува со амбиции, стабилен ростер и неколку новини во составот.

Првата фаза од подготовките е посветена на физичката подготовка на кошаркарките, која веќе се реализира на трим-патеката и спортските терени кај игралиштето „М.М. Брицо“. Фокусот во оваа фаза е ставен на подобрување на физичката подготвеност и создавање добра база за продолжението на подготовките.

Во втората фаза ќе следуваат техничко-тактичките подготовки, а во рамките на овој период ќе биде организиран и традиционалниот кошаркарски камп, кој во Делчево функционира повеќе од 30 години и претставува значаен дел од кошаркарската традиција во градот.

Третата фаза ќе биде посветена на одигрување пријателски натпревари, преку кои стручниот штаб ќе има можност да ја провери формата на кошаркарките и да ги воигра новите комбинации пред почетокот на официјалните натпревари.

Веќе се планирани контролни натпревари со КК „Гимназијалец“ од Пирот, КК „Зекас“ од Рача, кој ќе гостува во Делчево, како и со КК „Студент“ од Ниш.

Во однос на играчкиот кадар, во тимот останува најголемиот дел од составот од минатата сезона, со исклучок на американските кошаркарки. Дополнително, клубот се засили со потенцијалната репрезентативка Мелани Панова, што претставува значајно засилување за ростерот.

Во составот се и сестрите Ангеловска – Ана и Елена, сестрите Стоименовски – Радмила и Мелани, како и бугарската интернационалка Ина Рашова. Во тимот се враќа и репрезентативката Ана Стоименовска, која повторно ќе биде дел од ростерот по паузата предизвикана од операциите на колената.

Дел од тимот се и младите репрезентативки Сара Атанасовска, Тамара Гоцевска, ТНиколовска Лара, Ива Манова и Катерина Велкова, кои во новата сезона треба да добијат уште поголем простор за развој и настапи.

Со задржувањето на поголемиот дел од минатогодишниот состав, враќањето на Ана Стоименовска и ангажманот на новото засилување Мелани Панова, делчевскиот клуб во новата сезона влегува со јасна цел – добро да се подготви, да создаде компактна екипа и да биде конкурентен во натпреварувачката сезона.

Подготовките продолжуваат во наредниот период, а следните недели ќе бидат искористени за физичко и тактичко усовршување, воигрување на тимот и проверка на формата преку пријателските средби.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*