Берово го одбележа Денот на општината – наградени најуспешните ученици, ментори и истакнати граѓани

Со свечена седница на Советот на Општина Берово беше одбележан 23 Август – Денот на ослободувањето и Денот на Општина Берово. Во присуство на општинското раководство, советниците, претставници на институции, организации, гости од збратимени и соседни општини, поранешни градоначалници и пратеници и бројни граѓани, беа сумирани реализираните активности во изминатиот период, но и оддадена почит на оние кои со својата работа придонесуваат за развојот на Берово.

Свечената седница ја отвори претседателот на Советот на Општина Берово, Влатко Шахпаски кој во своето обраќање порача дека 23 Август има посебно место во историјата и срцата на малешевци.

Тој истакна дека Денот на ослободувањето не е само датум, туку симбол на слободата, непокорот и стремежот на генерациите пред нив кон слободен живот. Во чест на паднатите борци, пред почетокот на седницата беше положено свежо цвеќе пред споменикот на загинатите борци.

Во обраќањето беше нагласена и одговорноста на Советот кон граѓаните, со порака дека политичките разлики треба да се претвораат во заедничка работа и конкретни резултати.

Посебно беше истакната грижата за сите населени места во општината – Митрашинци, Будинарци, Мачево, Смојмирово, Владимирово, Русиново, Ратево и Двориште, како и потребата да се создаваат услови младите да останат во Берово, да создаваат семејства и својата иднина да ја градат во родниот крај.

Од збратимените и партнерски општини пристигнаа честитки по повод празникот.

Градоначалникот на Струмица, Емил Илиев, во својата честитка упати желби за добро здравје, сила и истрајност до раководството и граѓаните на Берово, посочувајќи ја досегашната соработка меѓу двете општини и потребата таа да продолжи.

Честитка пристигна и од Општина Кумровец, со која Берово негува долгогодишно партнерство и збратимување. Во неа беше нагласено дека досегашната соработка претставува добра основа за уште посилни партнерски односи, размена на искуства и заеднички активности.

Честитка упати и поранешната пратеничка Марија Рашковска Стефановиќ, која на граѓаните им посака секоја следна година да носи повеќе реализирани проекти и поголем просперитет.

Ружински: Нашите успеси се нашата најголема гордост

Централен дел од свечената седница беше обраќањето на градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински.

Тој го честиташе 23 Август и истакна дека овој ден е празник на градот, неговата историја, традиција и на сите граѓани кои го чуваат неговиот дух и иднина.

Ружински посебно се осврна на младите и учениците, нагласувајќи дека нивните успеси се една од најголемите гордости на Берово и доказ дека општината има знаење, талент и иднина.

Градоначалникот упати благодарност до членовите на Советот, општинската администрација и сите вработени во Општината за нивната работа и ангажман во реализацијата на проектите и активностите од интерес на граѓаните.

Во продолжение тој даде преглед на реализираните и започнатите инфраструктурни проекти.

Меѓу нив ја издвои изградбата на мултифункционална сала во рамките на Домот на културата „Димитар Перовски“, изградбата на нова пристапна улица – крак од улицата „Мирче Ацев“ во централното градско подрачје, реконструкцијата на тротоари на дел од улицата „Задарска“ и уредувањето на нов зелен појас.

Изграден е и армирано-бетонски потпорен ѕид на улицата „Маршал Тито“, а асфалтирана е улицата „Гоце Делчев“ во село Ратево.

Во Ратево е изграден и канал за одведување на атмосферските води, како и два потпорни ѕида.

Во тек е изработката на техничка документација за поставување нов тристепен систем на пречистителна станица за отпадни води во Берово.

Извршено е оградување и уредување на депонијата за градежен шут на локалниот пат Берово–Абланица–Црвен Дол, како и одведување на атмосферските води од улицата „1 Мај“.

Направена е доградба на фекална канализација во Ронско Маало, втор крак од улицата „23 Август“, поставени се јавни чешми пред општинската зграда и кај споменикот на загинатите бранители во воениот конфликт во 2001 година.

Реконструирани се мостови на реката Брегалница, а Општината, како што беше посочено, интензивно работи и на изнаоѓање решение за стабилизација на градскиот пазар.

Во тек се и проекти за реконструкција на крак од улицата „29 Ноември“, реконструкција на краците 1 и 2 на улицата „15-ти корпус“, изградба на секундарна водоводна мрежа во Ратево, реконструкција на крак од улицата „1 Мај“ и реконструкција на улицата „2“ во Берово.

Посебно внимание, според Ружински, е посветено и на уличното осветлување. Подобрено е осветлувањето во Смојмирово и Владимирово.

Во рамките на Програмата за заштита од штетното дејство на водите за 2026 година е извршено чистење на коритото на реката Брегалница.

Инвестиции во најмладите, образованието и спортот

Градоначалникот се осврна и на проектите насочени кон најмладите жители.

Во селата Двориште и Владимирово се поставени детски игралишта, а обезбедени се услови и за бесплатно предучилишно образование за деца во ризик.

Во образованието се реализираат активности во рамките на програмата „Еразмус+“.

Во ООУ „Дедо Илjo Малешевски“ е поставена гумирана подлога на игралиштето во подрачното училиште во Митрашинци, а поставени се и нови светлосни елементи во училишниот двор во Берово.

Општината обезбедува и различни форми на финансиска поддршка – за првенците на генерација, за најуспешните ученици, за новороденчиња, млади лица за полагање возачки испит, лица со попреченост, студенти, како и субвенции за клима-уреди.

Поддршка е обезбедена и за спортот, преку ФК „Малеш“, организацијата на Малешевскиот турнир во мал фудбал, како и други спортски активности, меѓу кои и Работничките спортски игри.

Континуирано се вложува и во опремата на Територијалната противпожарна единица Берово. Како значајна придобивка беше истакната и донацијата на специјално противпожарно возило од доброволното противпожарно друштво од Питње, Република Словенија.

Преку проект за нега и грижа за стари лица во домашни услови се обезбедува поддршка за највозрасните сограѓани.

Во културниот сегмент беа реализирани повеќе настани, меѓу кои тридневната новогодишна програма, одбележувањето на Велигден и настанот по повод завршувањето на учебната година, а во тек се подготовките и за новото издание на Етно фестивалот.

На свеченоста беше посочено и дека беровскиот бамбурски традиционален производ е прогласен за културно наследство.

Општината организирала и еколошки акции, обезбедила средства за проекти на граѓански организации преку јавен повик, организирала работна средба со локалната бизнис-заедница и обезбедила бесплатен Wi-Fi во централното градско подрачје.

Формирани се и локален младински совет, совет за социјална заштита и локален совет за превенција.

Ружински истакна и дека Општина Берово е рангирана на прво место во даночната транспарентност.

„Берово не е само место во кое живееме. Берово е наш дом, наш корен и наша одговорност“, беше пораката на градоначалникот, кој порача дека заедничката работа и визијата треба да бидат насочени кон создавање општина во која младите ќе имаат причина да останат, да се развиваат и тука да ја градат својата иднина.

На крајот од своето обраќање Ружински упати честитка по повод Денот на Општина Берово, со желби за здравје, среќа, успеси, меѓусебна почит и верба во подобрата иднина.

Видео-презентација за реализираното во Берово

Во продолжение на свечената седница беше прикажана видео-презентација со осврт на реализираните активности и постигнатите резултати во изминатата година.

Преку презентацијата беше испратена порака дека вистинската сила на една општина не се мери само со бројки и инфраструктурни проекти, туку пред сè со луѓето кои живеат, работат и создаваат во неа.

Беше истакнато природното богатство на Берово, чистиот воздух, шумите, водите и плодната земја, но и историското и културното наследство.

Во презентацијата беа опфатени инвестициите во инфраструктурата, јавните простори, детските игралишта, образованието, спортот, културата, социјалната заштита и противпожарната заштита.

Посебен акцент беше ставен и на наградувањето на учениците и нивните ментори, како поттик за младите да учат, да се развиваат и да постигнуваат уште подобри резултати.

Наградени првенците на генерациите

Свеченоста продолжи со доделување решенија за парични награди на првенците на генерациите.

Признанија добија Јелена Бухариновска, ученичка на генерацијата од Општинското средно училиште „Ацо Русковски“, и Јана Калпачка, ученичка на генерацијата во ООУ „Никола Петров Русински“ во село Русиново.

Награди за ученици и ментори

Особено значаен дел од свеченоста беше доделувањето награди на учениците и менторите кои освоиле високи места на државни и меѓународни натпревари.

Посебно признание добија учениците и менторот Васко Стојановски за освоеното прво место на државниот натпревар на мандолински оркестри.

Членовите на мандолинскиот оркестар при ООУ „Дедо Илjo Малешевски“ Берово со својот настап ја збогатија свечената програма, по што им беше врачено заслуженото признание.

Решенија за парични награди им беа доделени и на учениците од ООУ „Дедо Илjo Малешевски“ Берово кои во учебната 2025/2026 година постигнале значајни резултати на државни натпревари.

На свеченоста беа наградени и нивните ментори, меѓу кои Кристина Чинска, Веритоска Сањаковска, Веселинка Каланадевска, Александра Буровска, Александра Пачемска, Марија Коломовска, Мимоза Кржовска, Габриела Пиконска и Весна Војчовска Кускинска.

Награди добија и ученици од ООСУ „Ацо Русковски“ Берово, меѓу кои Лука Цонкински, Ива Бакаловска, Бисера Брашнарска, Ефимија Димитковска, Сара Видинска, Викторија Чабуковска, Лиљана Ајтовска, Хадиса Демирова и Евгенија Шевска.

За постигнатите резултати на државните натпревари беа наградени и нивните ментори, меѓу кои Марина Гошевска, Даниела Вангелова Јованова и Емилија Димитровска.

Посебно признание доби и Мила Костевска, ученичка од ООУ „Никола Петров Русински“, која го претставувала училиштето и Берово на натпревар по француски јазик. За нејзиниот успех беше наградена и нејзината менторка, наставничката по француски јазик Ленче Магва.

На свеченоста настапи и мандолинскиот оркестар при ООУ „Никола Петров Русински“ Берово, кој под менторство на наставникот по музичко образование Елчо Алагелдовски ја освоил првата награда на државниот натпревар на мандолински оркестри. И тие го примија заслуженото признание пред присутните.

Посебна гордост беше истакната и за успехот на ученикот Јован Бармачки од ООУ „Дедо Илjo Малешевски“, кој под менторство на наставникот Горан Младеновски освоил сребрен медал во пинг-понг на меѓународното финале на спортски игри за млади во Сплит, Хрватска.

Со овој резултат Јован го претставувал не само своето училиште и Општина Берово, туку и Македонија.

Под менторство на Горан Младеновски, учениците Филип Костевски, Михаил Руковски и Давид Марковски, исто така, постигнале значајни резултати на државно ниво во рамките на училишниот спорт.

Од Советот на Општина Берово беа упатени честитки до сите ученици и нивните ментори со желба за уште поголеми успеси.

Благодарници за истакнати личности и организации

Последната точка од свечената седница беше доделувањето благодарници на личности и организации кои со својата работа придонесуваат во различни области и го афирмираат Берово.

За особено афирмирање во стопанството благодарница доби Млекара „Малеш“ – Смојмирово.

За посебен придонес во развојот на уметноста благодарница беше доделена на Ар Чаушовски, додека за придонес во развојот на културата признание доби Методиј Скендерски.

За посебен придонес во развојот на спортот благодарница му беше доделена на Ванчо Ковачевски.

Во областа на туризмот и угостителството признание доби Хотел „Манастир“ Берово.

За посебен придонес во зачувувањето и промоцијата на домашните традиционални производи благодарница му беше доделена на Методиј Билјарски, а за придонес во развојот на земјоделството и сточарството на Вангелина Пармачка.

Благодарница за командирот Гоце Шишовски

Награда за особени заслуги во областа на безбедноста и заштитата му беше доделена на Гоце Шишовски, командир на Полициската станица од општа надлежност Берово.

Шишовски во своето обраќање изрази благодарност до градоначалникот Петар Ружински, Советот на Општина Берово, претседателот на Советот и до Независниот полициски синдикат за доделеното признание.

Тој посебно им се заблагодари и на колегите од ОВР Берово, кои го номинирале и предложиле за добитник на благодарницата.

Шишовски во својот говор се осврна и на својата професионална кариера. Истакна дека работните задачи во Министерството за внатрешни работи ги извршува од 1996 година, а на 20 септември 2026 година официјално заминува во пензија.

Во тридецениската полициска кариера ги поминал сите скалила на полициската работа, започнувајќи како полицаец во Општина Центар и Полициската станица Скопје, а професионалниот пат го завршува како командир на Полициската станица од општа надлежност во Берово.

Тој посочи дека до 2015 година бил припадник на посебните единици на полицијата, со повеќе од 200 дена активно учество на терен, како и учество во конфликтот во 2001 година и на други теренски ангажмани.

Пред заминувањето во пензија, Шишовски порача дека и понатаму ќе остане подготвен да му помага на градот и општината во рамките на своите можности.

Свечената седница заврши со благодарност до сите граѓани, поединци и организации кои со својот труд, иницијативи и активности придонесуваат за развојот на Берово.

Претседателот на Советот ја затвори седницата со уште една честитка по повод 23 Август – Денот на Општина Берово, по што присутните беа поканети на пригоден коктел и дружење.

Берово својот празник го одбележа со порака дека иднината на општината се гради преку заедничка работа, грижа за сите генерации, поддршка на младите, почит кон традицијата и создавање услови градот и неговите населени места да продолжат да се развиваат.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*