Две општини од регионот со нови активности насочени кон подобрување на условите за живот, развој на туризмот и енергетската ефикасност.
Општина Пехчево денеска потпиша договор за реализација на проектот „Партерно уредување и поставување на урбана опрема на Еко парк Езерце – Пехчево“, со кој се предвидува комплетно уредување и модернизација на просторот.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 3.683.610 денари, а средствата се обезбедени преку Бирото за регионален развој и Буџетот на Општина Пехчево. Изведувач на градежните работи е фирмата „ГРАДЕЖНИК ИНГ“ ДООЕЛ увоз-извоз од Берово.
Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, истакна дека проектот ќе придонесе за подобрување на локалниот економски развој, развој на туристичката понуда и создавање нови можности за рекреативни и едукативни активности.
Посебен акцент е ставен на најмладите, со поставување нови реквизити и играчки, вклучително и опрема наменета за деца со попреченост. Целта е Еко парк „Езерце“ да стане поубаво, побезбедно и поинклузивно место за игра, дружење и престој на децата и семејствата.
Од друга страна, Општина Македонска Каменица го продолжи рокот за поднесување апликации на јавниот повик за субвенционирање на изработка на проектна документација, поставување енергетски ефикасни фасади и реконструкција на кровови на станбени згради за колективно домување.
Новиот рок за аплицирање е 21 септември 2026 година до 15:30 часот.
Преку проектот „Енергетско Ефикасни Домови“, Општина Македонска Каменица обезбедува финансиска поддршка во висина од 40 проценти од вкупната вредност на инвестицијата, но не повеќе од 1.000.000 денари за секоја одобрена апликација. Останатите најмалку 60 проценти од средствата ги обезбедуваат сопствениците на посебните делови во станбените згради.
Право на учество имаат заедниците на сопственици и сопствениците на посебни делови во станбени згради управувани од управител, доколку ги исполнуваат условите од јавниот повик.
Апликациите и потребната документација се доставуваат во Архивата на Општина Македонска Каменица, секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот, а документацијата може да се испрати и по пошта на адреса: ул. „Каменичка“ бр. 2, Македонска Каменица.
Двата проекти се насочени кон подобрување на локалната инфраструктура и условите за живот – преку уредување на јавните простори и развој на туристичката понуда во Пехчево, односно преку зголемување на енергетската ефикасност и подобрување на условите за колективно домување во Македонска Каменица.

Leave a Reply