Отворена ликовната изложба „НАДЕЖ“ на Ана Митевска

Во Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево беше отворена самостојната ликовна изложба „Надеж, светлина низ темнината“ на уметницата Ана Митеска.

Изложбата е реализирана во соработка со здружението „Архикт“ од Скопје, со поддршка од Министерството за култура и туризам, а е дел од програмата на манифестацијата „Денови на мојот град Делчево“, посветена на Денот на ослободувањето на градот и Денот на независноста на Македонија.

Директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски, истакна дека станува збор за втора изложба на Митеска во оваа културна институција, нагласувајќи ја досегашната успешна соработка со уметницата.

– Денес имаме отворање на самостојна ликовна изложба на уметницата Ана Митеска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, во соработка со здружението „Архикт“ од Скопје. Не е првпат да имаме изложба на оваа ликовна уметница и имаме одлична соработка, која се надеваме дека ќе продолжи и во иднина, рече Начовски.

Тој додаде дека поради оправдани причини авторката не била присутна на отворањето, но посетителите имаат можност да ги погледнат нејзините дела.

Во обраќањето до присутните беше истакнато значењето на самото име на изложбата – „Надеж, светлина низ темнината“, како порака која преку уметноста упатува на потребата од светлина и позитивна мисла и во моменти на неизвесност и предизвици.

Стручниот соработник за визуелни уметности при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Никола Јанков, истакна дека особено радува интересот на публиката за современата уметност.

– Особено ми е драго што гледам ваков број на публика и љубители на уметноста кои се интересираат за уметноста. Голема благодарност и до самостојната уметница Ана Митевска, која по втор пат гостува во нашиот град со нејзините прекрасни дела и мотиви, рече Јанков.

На изложбата се претставени апстрактни дела изработени во техника масло на платно, акрил на платно и комбинирани техники, со димензии од 100 на 100 сантиметри.

Од Центарот за култура посочија дека изложбата претставува уште една можност за збогатување на културната понуда во Делчево и продолжување на соработката со современи македонски ликовни уметници.

Изложбата „Надеж, светлина низ темнината“ ќе биде отворена за посетителите секој работен ден, до 17 септември.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*