Пехчево одбележува 30 години Општина и 7 Септември – Денот на ослободувањето

Пехчево денеска свечено го одбележа 7 Септември – Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор, како и значајниот јубилеј – 30 години од постоењето на Општина Пехчево.

Одбележувањето започна со положување свежо цвеќе пред споменикот на народниот херој Ванчо Китанов на градскиот плоштад. Почит на борците кои ги положиле своите животи за слободата оддадоа повеќе делегации, претставници на институции, здруженија и граѓани.

Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, упати честитки до граѓаните, истакнувајќи дека годинашниот празник има посебно значење, бидејќи покрај одбележувањето на Денот на ослободувањето, се чествуваат и три децении од развојниот пат на современа Општина Пехчево.

– 7 Септември е круна на вековниот стремеж на нашиот народ за слобода. Денес водиме мирнодопски битки со цел да создадеме подобри услови за живот, потпирајќи се на постигнатите резултати и градејќи јасна визија за иднината – истакна Китански.

Во Домот на културата „Јане Сандански“ се одржа свечена седница на Советот на Општина Пехчево, посветена на општинскиот празник и јубилејот „30 години Општина Пехчево“.

Во рамките на седницата беа доделени благодарници и признанија на заслужни граѓани, здруженија и компании кои со својата работа и придонес оставиле значаен белег во развојот на Пехчево и локалната заедница.

Посебна благодарница беше доделена и на Армијата на Република Македонија, како знак на благодарност за придонесот и успешната соработка со локалната заедница.

Во празничната програма учествуваа и припадници на Армијата на Република Македонија – 2. пешадиски баталјон од гарнизонот во Штип, кои изведоа презентација и тактичко-технички збор. Граѓаните имаа можност да се запознаат со дел од опремата, способностите и активностите на припадниците на Армијата.

Празничното одбележување продолжува вечерва со музичка програма на градскиот плоштад во Пехчево. За забавата се најавени настапите на Суперхикс, Panta Rei и Андреј Миске, со почеток во 21:30 часот.

Триесетгодишниот јубилеј на Општина Пехчево се одбележува под мотото „Пехчево е наш дом“, како можност за осврт на изминатите три децении, но и за поглед кон иднината и новите развојни цели на општината.

Празничната програма ги обединува историјата, традицијата, институциите и културно-забавниот живот, со порака за заедништво и продолжување на развојот на Пехчево. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*