Македонскиот ден во Понтенуре одбележан со официјална посета и културна манифестација

Македонската и италијанската заедница ја потврдија соработката преку средби на локалните власти, културата, фолклорот и традиционалната македонска кујна

Понтенуре, 14 септември 2026 – Со официјална посета на Општина Понтенуре и четвртата „Македонска вечер“, во италијанскиот град Понтенуре на 12 септември беше одбележан Македонскиот ден, во организација на македонското здружение „Македонски корени – Radici macedoni“.

Одбележувањето започна со официјална посета на Општина Понтенуре и средба на македонската делегација со градоначалникот Серџо Фуоки, заменик-градоначалникот Томас Пагани Ламбри и советниците во Општинскиот совет.

Македонската делегација ја предводеше заменик-градоначалникот на Општина Струмица Владимир Ристов, а во нејзиниот состав беа пратеникот во Собранието Жан Дрвошанов, заменик-градоначалникот на Општина Василево Бобан Василевски, советниците Петре Танчев и Кристина Ментинова Манчева, директорот на ЈПКД „Комуналец“ Кире Синдраковски, директорот на ООУ „Никола Вапцаров“ Ѓорги Христов и раководителката на Центарот за јавно здравје Мери Гичева Николова.

На средбата присуствуваа и претставници на македонското здружение „Македонски корени“, предводени од претседателот Лефтер (Лео) Коцев.

Во своето поздравно обраќање, градоначалникот на Понтенуре Серџо Фуоки се осврна на италијанско-македонската соработка во изминатите години и ја истакна важноста на збратимувањето меѓу италијанските и македонските општини. Посебно беше нагласено збратимувањето со Општина Василево, воспоставено во 2022 година.

На средбата беше истакнато дека соработката меѓу локалните самоуправи не значи само размена на искуства и знаења, туку претставува и можност за развивање заеднички проекти, економска соработка и воспоставување дополнителни врски меѓу двата народи.

Градоначалникот Фуоки ја истакна и добрата интегрираност на македонската заедница во италијанското општество и нејзиниот придонес во општествениот и економскиот развој.

Во рамки на официјалната посета свои обраќања имаа генералниот конзул Фросина Ташевска-Ременски, заменик-градоначалникот на Општина Василево Бобан Василевски, заменик-градоначалникот на Општина Струмица Владимир Ристов, пратеникот Жан Дрвошанов и претседателот на здружението „Македонски корени“ Лефтер Коцев.

На средбата беа разменети пригодни и автентични подароци, а беа реализирани и договорени средби меѓу општинските делегации, италијански оператори и јавни претпријатија со цел развивање на соработката, размена на искуства и знаења и подготовка на идни заеднички проекти.

Во продолжение на одбележувањето, во Понтенуре се одржа и четвртата „Македонска вечер“, организирана од здружението „Македонски корени – Radici macedoni“, неговите членови и претседателот Лефтер Коцев. Годинешната манифестација беше поддржана и од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Културната манифестација започна со интонирање на италијанската и македонската химна, по што пред присутните се обратија претседателот на здружението Лефтер Коцев, градоначалникот на Понтенуре Серџо Фуоки, заменик-градоначалникот на Струмица Владимир Ристов, заменик-градоначалникот на Василево Бобан Василевски и генералниот конзул Фросина Ташевска-Ременски.

Во обраќањата беше истакнато значењето на работата на македонското здружение во Италија, особено во делот на зачувувањето на македонскиот јазик, култура, традиција и фолклор. Беше упатена порака и до младите генерации активно да се вклучуваат во работата на здруженијата и културно-уметничките друштва.

Во културно-уметничкиот дел настапија културните и фолклорни групи „Македонски цвет“ од Пјаченца и КУД „Камен мост“ од Канели, кои со македонски песни и ора ја збогатија програмата и предизвикаа позитивни реакции кај присутните.

На манифестацијата присуствуваа повеќе од илјада Македонци од Понтенуре, Пјаченца и околните општини, како и италијански пријатели на македонската заедница.

Покрај музиката и фолклорот, присутните имаа можност да уживаат и во традиционална македонска храна, подготвена од жените членки на здружението „Македонски корени“.

Со официјалната посета на локалните власти и културната манифестација, Македонскиот ден во Понтенуре претставуваше можност за продолжување на соработката меѓу македонските и италијанските општини, но и за заедничко одбележување на македонската култура и традиција од страна на македонската заедница во Италија.

Организаторите упатија благодарност до сите учесници и членови на здружението кои придонесоа за реализацијата на настанот, како и до младите играорци и нивните кореографи, кои преку настапите ја претставија македонската традиција пред присутните гости.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*