Во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Луцерн, Швајцарија, денеска беше отслужена Света архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше епископот Делчевско-каменички г. Марко од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Литургијата се одржа на Шеснаесеттата недела по Педесетница, во Неделата пред празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов. На богослужбата, епископот Марко сослужуваше со епископот домаќин г. Андреј од Српската православна црква, како и со свештенослужители од двете православни цркви.
На Светата Литургија присуствуваа верници кои пристигнаа од повеќе краишта на Швајцарија, а дел од нив зедоа учество и во светата Евхаристија.
По благослов на епископот домаќин, епископот Марко им се обрати на присутните со пригодно слово, во кое се осврна на евангелскиот настан, значењето на верата и духовниот живот на православниот христијанин, како и на потребата од единство и љубов меѓу православните верници.
По завршувањето на Литургијата беше извршен и чинот на прекршување на славскиот колач, во чест на празникот.
Епископот Андреј пред присутните го претстави епископот Марко и му се заблагодари за посетата, како и за прифаќањето на поканата за заедничко сослужување и молитвено единство.
По богослужбата, старешината на храмот, протопрезвитер Драган Станојевиќ, приреди празничен ручек за гостите и верниците.
Посетата на епископот Марко и заедничкото сослужување во Луцерн помина во знакот на братската соработка и заедничката молитва на верниците и свештенослужителите од двете православни цркви.


Leave a Reply