ОД ДЕЛЧЕВСКИТЕ КОРЕНИ ДО БАЛКАНСКОТО СРЕБРО – 16-ГОДИШНИОТ ВЛАДИМИР ГРЧЕВ СО НЕВЕРОЈАТЕН УСПЕХ

Уште еден огромен успех за 16-годишниот Владимир Грчев, момчето со делчевски корени, кое освои сребрен медал на Балканската олимпијада по информатика – BOI 2026, која се оддржа во Тирана од 14- 20 Септември.

Делчево за Владимир не е само место од семејната приказна. Токму таму помина дел од своето најрано детство и живееше до прво одделение, пред животниот пат да го однесе понатаму. Затоа секој негов голем успех носи посебна радост и за градот со кој го врзуваат неговите корени и првите детски години.

А последниот успех е навистина голем.
Балканската олимпијада по информатика е натпревар за средношколци и претставува повисоко натпреварувачко ниво од јуниорските олимпијади на кои Владимир претходно постигнуваше врвни резултати.

Во силна балканска конкуренција, тој успеа да стигне до сребрениот медал.
Особено впечатлив беше вториот натпреварувачки ден, кога Владимир оствари извонреден резултат – освои максимален број поени на сите задачи од вториот ден. Со овој беспрекорен настап го заокружи својот одличен резултат на олимпијадата и заслужено стигна до среброто.

Ова е уште еден голем медал во неверојатната низа на младиот олимпијец. Само пред нешто повеќе од еден месец, Владимир освои бронзен медал на Светската олимпијада по информатика – IOI 2026 во Ташкент, најпрестижната светска олимпијада по информатика за средношколци.

Минатата година го освои и златниот медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика – EJOI 2025, а зад себе веќе има низа медали од меѓународни олимпијади по информатика и математика.

И сето тоа – на само 16 години.
Од детските денови во Делчево до најголемите олимписки сцени, приказната на Владимир продолжува да се пишува со знаење, работа, упорност и медали.

Денес името на Владимир Грчев веќе се запишува меѓу најуспешните млади информатичари – на Балканот, во Европа и во светот, а Делчево има посебна причина да се гордее со момчето чии корени и најрани детски спомени се врзани токму за овој град.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*