По повод Светскиот ден без автомобили, во Делчево ќе се реализира активноста „Велобус“, во организација на Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како дел од кампањата „Микромобилност и безбедност во сообраќајот“.
Велобусот претставува начин на организирано движење на ученици со велосипеди до училиштето, во групи придружувани од родители, наставници или волонтери. Со активноста се промовира одржливата мобилност, безбедното учество во сообраќајот и поздравите навики кај децата, а воедно се укажа и на можностите за намалување на употребата на автомобили во зоните околу училиштата.
Во рамки на активноста ќе се реализирааат две рути на Велобусот до ООУ „Св. Климент Охридски“. Првата рута ќе ги опфати улиците „8-ми Септември“, „Крушевска“, „Методи Митевски Брицо“ и „Орце Николов“ во Ново Делчево, додека втората започна од населбата Пролет и продолжи по улицата „Методи Митевски Брицо“ до училиштето.
Во активностите учествуваат претставници на Општина Делчево и ОСБСП, припадници на МВР – ОВР Делчево и Регионалниот центар за гранични работи – Исток, ученици, претставници на основните училишта, родители и други учесници.
Во детската градинка „Весели Цветови“ ќе биде поставен и мини полигон на кој децата ќе имаат можност да ги совладуваат основните вештини за безбедно управување со велосипед и тротинет. Планирана е и анкета на тема „Микромобилност и безбедно учество во сообраќајот“.
Од Општина Делчево и ОСБСП посочија дека ваквите активности придонесуваат за зголемување на физичката активност кај децата, нивната самостојност и социјалната интеракција, како и за намалување на сообраќајниот метеж околу училиштата.
Активноста се реализира во рамки на Европската недела на мобилност, која секоја година се одржува од 16 до 22 септември, со цел промовирање алтернативни начини на транспорт, подобрување на безбедноста во сообраќајот и намалување на загадувањето. Темата на овогодишната Европска недела на мобилност е „Мобилност за секого, фер пристап за сите генерации“.
Во рамки на одбележувањето ќе биде упатен и апел до сите учесници во сообраќајот за одговорно однесување, особено кон возачите на моторни возила, со зголемено внимание и намалена брзина при движење во близина на пешаци, велосипедисти и корисници на тротинети, како ранливи учесници во сообраќајот.

Leave a Reply