Епископот Марко чиноначалствуваше со Света Литургија по повод Рождеството на Пресвета Богородица во Цирих

По повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, кој Православната Црква го одбележува на 21 септември, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Цирих, Швајцарија, беше отслужена Света Божествена Литургија со која чиноначалствуваше епископот Делчевско-каменички г. Марко.

Литургијата беше отслужена во сослужение со свештенството на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и на Српската Православна Црква, со благослов на епископот Швајцарски г. Андреј.

На богослужението присуствуваше голем број верници, кои заеднички го одбележаа празникот посветен на Рождеството на Пресвета Богородица.

По читањето на Светото Евангелие, епископот Марко одржа беседа во која се осврна на значењето на празникот и улогата на Пресвета Богородица во домостројот на спасението.

По завршувањето на Светата Литургија, свештенството при храмот приреди празнична трпеза за присутните верници, на која присуствуваше и епископот Швајцарски г. Андреј. Празничното заедничарење продолжи во духот на братството и христијанската љубов.

Епископот Марко упати благодарност за гостопримството и за укажаното внимание од страна на свештенството и верниот народ во Швајцарија, како и до епископот Андреј за благословот и можноста за неговото присуство и сослужување во православните храмови во Швајцарија.

По повод празникот, епископот Марко на присутните им посака Рождеството на Пресвета Богородица да им донесе духовна радост, мир, здравје и спасение, со молитвено застапништво на Божјата Мајка.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*