По повод 11 Октомври, во спортската сала при ООУ „Св. Климент Охридски“ во Делчево се одржа турнир во пинг-понг, на кој учествуваа 32 натпреварувачи од повеќе градови во државата и од соседна Бугарија.
Турнирот се играше по систем на директна елиминација, а за најдобрите натпреварувачи беа обезбедени награди. По завршувањето на натпреварите, за учесниците беше организирано и заедничко дружење.
На турнирот учествуваа и осум деца од Пинг-понг клубот „Еклектик“ од Берово, како и гостинка од Прилеп. Од клубот изразија задоволство што во регионот повторно се организираат вакви натпревари, кои им овозможуваат на младите да стекнуваат натпреварувачко искуство.
Во организацијата на турнирот учествуваше и Горан Стојчевски, поранешен државен првак во пинг-понг во својата категорија, кој истакна дека целта е повторно да се поттикне интересот за овој спорт во Делчево и во иднина да се формира локален клуб.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, им го честиташе празникот 11 Октомври на сограѓаните и ја поздрави иницијативата на Маријан и неговите пријатели за обновување на традицијата на пинг-понг турнирите во градот.
Тој посочи дека учеството на натпреварувачи од повеќе градови, како и од Бугарија, претставува поттик за локалната самоуправа да помогне турнирот да стане традиционален настан и да се создадат услови за формирање спортски клуб наменет за тренинзи по пинг-понг.
– Навистина ми е драго што можам од овој турнир да ја соопштам и убавата вест дека веќе имаме потпишано договор со Министерството за спорт и оператор за реконструкција на спортската сала во Спортско-рекреативниот центар во Делчево. Станува збор за сала која подолго време е запоставена и чија реконструкција треба да започне наскоро. Таа ќе биде уште еден простор за развој на спортот, вклучително и пинг-понгот во Делчево – изјави Гоцевски.
Повторното организирање на турнирот претставува можност за продолжување на спортската традиција во Делчево, поттикнување на младите да се занимаваат со пинг-понг и зајакнување на спортските врски меѓу градовите во регионот.

Leave a Reply