Виница отвори собирен центар за отпадни гуми, текстил и електронски уреди

Општина Виница започна со организирано собирање и управување со отпадни гуми, текстил и електричен и електронски отпад, со отворање собирен центар во кругот на Јавното претпријатие „Солидарност“ во Виница.

Градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, информираше дека општината потпишала договор за соработка со ДУО „Еко Гума Трејд“ ДООЕЛ – Свети Николе, со што се воспоставува организиран систем за собирање на овие видови отпад.

Според информациите од Општината, Виница е првата општина во Источна Македонија што започнува со ваква практика, по скопските општини Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.

Во новиот собирен центар граѓаните бесплатно ќе можат да одложуваат отпадни гуми, стара облека, текстил и постелнини, како и електрични и електронски уреди, меѓу кои стари домашни апарати, компјутери и телевизори.

Костадиновски најави дека на наредната седница на Советот на Општина Виница ќе биде предложена одлука со која ќе се овозможи ЈП „Солидарност“ да започне со собирање и на кабаст отпад. Тоа би опфатило стар мебел, душеци, кревети, санитарна опрема, дрвенарија, прозорци, врати и други слични предмети.

Во завршна фаза се и подготовките за планот за целосно уредување и модернизација на депонијата за градежен шут, со цел нејзино усогласување со потребните стандарди.

Со овие активности, Општина Виница има за цел да го подобри управувањето со отпадот, да го намали создавањето диви депонии и да придонесе за заштита на почвата и животната средина.

Од Општината упатуваат апел до граѓаните за одговорно одложување на отпадот и активно учество во создавањето почиста и поздрава животна средина.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*