Општина Делчево со апел: Не согорувајте отпад и недозволени материјали за затоплување

Од Општината потсетуваат дека согорувањето гуми, пластика, стиропор, текстил, отпадни масла и друг отпад ослободува штетни материи и придонесува за загадување на воздухот

Делчево, 22 октомври 2026 – Општина Делчево упатува апел до граѓаните, како и до правните и физичките лица, да не користат недозволени материјали како огрев за затоплување на домовите и деловните простории.

Од Општината потсетуваат дека согорувањето на гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла и други видови отпад при согорувањето ослободуваат отровни и штетни материи, со што директно се придонесува за загадување на амбиенталниот воздух.

Во насока на спречување и намалување на загадувањето, инспекциските служби ќе вршат вонредни инспекциски надзори, особено во инсталации каде што се утврдени или постојат сомневања за значителни емисии во воздухот.

Од Општина Делчево информираат дека во случаи на утврдени прекршувања ќе се постапува согласно законските одредби и ќе бидат преземени соодветни казнени мерки.

Граѓаните кои ќе забележат или се сомневаат дека се врши загадување на воздухот можат да го пријават случајот во Архивата на Општина Делчево на улица „Љубомир Белогаски“ број 1, преку формата „Пријави проблем“ на веб-страницата на Општината, по електронски пат на info@delcevo.gov.mk, до инспекторот за заштита на животната средина, како и преку другите електронски канали на Општина Делчево.

Општината воедно потсетува дека е набавена нова мониторинг-станица за следење на концентрацијата на PM10 честичките. Преку достапниот линк, граѓаните можат во реално време да го следат квалитетот на воздухот во Делчево.

Од Општина Делчево апелираат граѓаните да придонесат кон почист воздух и да не согоруваат отпад и материјали кои не се дозволени за затоплување.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*