Во Делчево денеска продолжи одбележувањето на Денот на европската соработка и 36-годишнината од програмата Interreg, во чии рамки се одржаа спортски активности и симболични активности посветени на прекуграничното пријателство и партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Посебен момент од денешната програма беше симболичното засадување дрво, како порака за пријателство, заедништво и заедничка посветеност кон европската соработка. Активноста беше поврзана со проектот за изградба на скејт-паркот во Делчево, кој се реализира со финансиска поддршка од програмата Interreg IPA.
Во рамките на одбележувањето беа истакнати и резултатите од повеќегодишната прекугранична соработка, која преку стотици реализирани проекти придонесува за развој на локалните заедници, унапредување на инфраструктурата, зајакнување на економијата и подобрување на условите за живот на граѓаните од двете страни на границата.
Меѓу гостите на настанот беше и градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китaнски, кој ја истакна важноста на прекуграничната соработка и можностите што ги отвораат европските програми за развој на локалните заедници.
Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китaнски, ја нагласи важноста на ваквите партнерства, посочувајќи дека преку програмата Interreg IPA се создаваат можности за реализација на проекти со конкретни придобивки за граѓаните, особено за младите генерации.
„Прекуграничната соработка е од особено значење за развојот на нашите општини и подобрувањето на условите за живот на граѓаните. Преку програмата Interreg IPA се создаваат можности за реализација на проекти кои носат конкретни и видливи придобивки за локалните заедници. Проектот за изградба на скејт-паркот во Делчево е уште еден пример дека европската поддршка и партнерството меѓу двете држави создаваат нови можности, особено за младите генерации. Верувам дека ваквите иницијативи ќе продолжат да ја зајакнуваат соработката, пријателството и заедничката визија за европска иднина“, истакна Китaнски.
Спортските активности и симболичното засадување дрво беа дел од пораката дека прекуграничната соработка не се сведува само на институционални партнерства и реализирани инфраструктурни проекти, туку придонесува и за поврзување на луѓето, размена на искуства и создавање нови можности за младите.
Вториот ден од одбележувањето во Делчево уште еднаш ја потврди важноста на европските програми како двигатели на локалниот развој и зајакнувањето на пријателските врски меѓу соседните општини и држави.

Leave a Reply