Општина Делчево започнува со реализација на три нови капитални проекти насочени кон подобрување на патната инфраструктура и водоснабдувањето, со цел унапредување на условите за живот на жителите во градот и населените места.
Како што информираат од Општина Делчево, овој викенд започнува целосната реконструкција на улицата „Даме Груев“, крак 2, во село Тработивиште. Станува збор за зафат на делница во должина од 380 метри, со вкупна вредност од 2.267.776 денари. Проектот се финансира со комбинирани средства од Министерството за транспорт и Буџетот на Општина Делчево.
Во рамки на планираните активности ќе се реконструира и крак од улицата „Индустриска“ во Делчево, со што се очекува да се подобрат пристапноста и безбедноста на сообраќајот во овој дел од градот.
Третиот проект предвидува реконструкција на водоводната мрежа во Старо Делчево, со цел обезбедување посигурно и поквалитетно водоснабдување за жителите. Вредноста на склучениот договор изнесува 890.608 денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од Министерството за транспорт, со финансиско учество на Општина Делчево.
Од локалната самоуправа посочуваат дека реализацијата на овие проекти е дел од континуираните активности за подобрување на инфраструктурата и јавните услуги, со најавa дека инвестициите ќе продолжат и во наредниот период.
Со трите проекти, новиот инвестициски циклус опфаќа активности и во градското подрачје и во населените места на Општина Делчево.

Leave a Reply