Црвен крст Делчево обучува волонтери за едукатори за ментално здравје кај младите

Пет волонтери поминаа обука за препознавање на предизвиците поврзани со менталното здравје и обезбедување врсничка поддршка.

Во просториите на Општинската организација на Црвениот крст Делчево беше реализирана обука за едукатори за ментално здравје, на која учествуваа пет волонтери од организацијата, кои претходно се стекнале со знаења како општи врснички едукатори.

Обуката ја спроведе психологот Ирена Димитровска, со цел надградување на знаењата и вештините на волонтерите за препознавање на предизвиците поврзани со менталното здравје, обезбедување соодветна врсничка поддршка и поттикнување отворена комуникација меѓу младите.

Активноста е дел од проектот „Унапредување на менталното здравје и психосоцијалната благосостојба на младите“, кој е финансиран од Општина Делчево.

Во наредниот период, обучените едукатори ќе реализираат едукативни работилници, интерактивни активности и кампањи за подигнување на свеста кај младите за важноста на менталното здравје. Преку овие активности ќе се работи и на јакнење на личните и социјалните вештини, намалување на стигмата и создавање поддржувачка средина во која младите ќе се чувствуваат прифатени и охрабрени отворено да зборуваат за своите чувства и предизвици.

Од Општинската организација на Црвениот крст Делчево посочуваат дека грижата за менталното здравје започнува со разбирање, поддршка и меѓусебно охрабрување, а вложувањето во знаењата и капацитетите на младите претставува важен чекор кон посилна и поздрава заедница.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*