Силата не е во молчењето: Зошто здравјето е вистинската суперсила на секој маж

Ноември е светски познат како „Мовембер“ – месец посветен на машкото здравје, време кога глобално се рушат табуата и се потсетува дека грижата за себе не е знак на слабост, туку на одговорност. Во рамките на подкастот „Делчево 365“, д-р Адријана Илиевска Велковски отворено проговори за најважните предизвици со кои се соочуваат мажите, од улогата на превенцијата и клучните прегледи, па сѐ до секојдневните животни навики и емоционалната поддршка.

Традицијата на молчењето наспроти потребата од превенција

Историјата на ова движење започнува далечната 2003 година во Австралија, кога група пријатели решени да ја подигнат свеста за ракот на простатата пуштиле мустаќи. Денес, фондацијата „Мовембер“ прераснала во една од највлијателните светски организации за спасување човечки животи. Сепак, кога станува збор за секојдневието, мажите сѐ уште се соочуваат со специфични пречки.

„Значи мажите по дефолт некако поедноставно им е да ги игнорираат симптомите, да не им придаваат значење, здравствениот проблем да го тргнат на страна. Секако овде се и тие традиционални верувања – дека мажот треба да е силен, дека не секогаш треба да се жали за секоја мала ситница и да го кажува својот проблем, за да не ја наруши неговата машкост“.

Докторката потенцира дека на ова се надоврзува и неинформираноста, како и лошите животни навики – прекумерното консумирање алкохол, нездравата исхрана, цигарите и физичката неактивност, кои здравјето на мажите често го ставаат на маргините.

Раното откривање спасува живот: Што треба да се провери и кога?

За среќа, голем број сериозни заболувања можат навреме да се откријат со минимален ангажман. Прегледите за простатата препорачливо е да започнат од 50-тата година (или уште на 40-тата доколку постои семејна историја на карцином), а вклучуваат едноставен ПСА тест од крвта, ехо и уролошки преглед.

„ПСА тестот е еден од најважните тестови околу проблематиката на простатата бидејќи тој не само што го открива ракот, туку укажува на проблеми на простатата од било која етиологија… Се препорачува еднаш годишно секој маж на 50 години да го направи“

Покрај тоа, неопходно е редовно мерење на крвниот притисок и шеќерот во крвта за превенција на кардиоваскуларните заболувања и дијабетот, додека самопрегледите на тестисите можат да спречат сериозни компликации.

Еректилната дисфункција како ран аларм за здравјето

Еректилната дисфункција сѐ уште претставува длабока табу-тема, но д-р Илиевска Велковски нагласува дека во огромно мнозинство од случаите таа воопшто не е од психолошка природа.

„Треба да се потенцира дека еректилната дисфункција во околу 90% од случаите е резултат на болест на крвните садови, а не на психолошки стрес… Прво почнуваат од најмалите крвни садови кои се во пенисот. Така да оваа еректилна дисфункција може да биде и прв знак на една постоечка опасност од срцево или мозочно заболување“.

Користењето лекови како Виагра или Сиалис нуди само привремено решение и бара претпазливост, особено кај лица со кардиоваскуларни заболувања. Вистинскиот пат е отворено артикулирање на проблемот пред лекар и решавање на основните причини.

Како партнерките можат да помогнат без критики?

Улогата на жените и партнерките е исклучително важна, но клучот лежи во мудриот пристап наместо во секојдневните прекори.

„Кај мажот не можеме со тие класични наши критики… Мораме да тргнеме од некоја желба за заедничка грижа, дека здравјето ни е битно нам па ние да одиме да се прегледаме… Најлесно е кога тие прегледи се вршат заеднички, да се закажат заеднички прегледи бидејќи самиот комфор и сигурност се подобри“

Исто така, докторката ги повикува жените да им дадат простор на мажите самите да раскажат за своите симптоми и чувства кога се на лекар, со оглед на тоа што машкиот емоционален речник е поразличен и почесто скриен зад тишина или нервоза.

Порака за крај

„Нивното здравје е нивната суперсила! Да се грижат редовно за своето тело, да се грижат за својот ум. Редовните прегледи, здравиот живот и отворениот разговор – било со партнерка или со пријател – се рецептот за долг и за квалитетен живот“.

Целото видео погледнете го на следната врска:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*