Хуманитарната акција по повод Неделата на борба против гладта беше реализирана со поддршка на училиштата и детските градинки од Делчево и Македонска Каменица.
Делчево – Општинската организација на Црвениот крст Делчево, по повод Неделата на борба против гладта (16–22 октомври), реализираше хуманитарна акција за собирање прехранбени продукти, во која се вклучија основните и средните училишта и детските градинки од Делчево и Македонска Каменица.
Благодарение на солидарноста и хуманоста на учениците, децата, родителите и вработените во образовните установи, беа собрани значителни количини прехранбени продукти, од кои волонтерите на Црвениот крст подготвија вкупно 130 прехранбени пакети.
Пакетите беа распределени на семејства во социјален ризик на територијата на општините Делчево и Македонска Каменица, со што уште еднаш беше потврдена важноста на солидарноста и заедничката грижа за најранливите категории граѓани.
Од Општинската организација на Црвениот крст Делчево упатија благодарност до сите установи кои се вклучија во акцијата: ООУ „Св. Климент Охридски“, ООУ „Ванчо Прке“, детската градинка „Весели Цветови“ од Делчево, детската градинка „Бамби“ од Македонска Каменица, СОУ „Методи Митевски – Брицо“ и ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Македонска Каменица.
Посебна благодарност беше упатена и до волонтерите на Црвениот крст, кои учествуваа во преземањето, сортирањето и пакувањето на донираните продукти.
Со оваа акција уште еднаш се покажа дека хуманоста не е само збор, туку дело, а секоја донација и подадена рака можат да направат значајна разлика во животот на оние на кои им е потребна помош.

Leave a Reply